Лицето и опачината на дипломатијата

Денко Малески

Така е тоа во меѓународната политика: малите трчаат по големите, слабите по силните. Не е метафора: буквално трчаат низ коридореите на ОН или на меѓународните конференции. „Ене го Геншер“, ми вели државниот секретар на САД Иглбергер и ме удира со бастумот по чевелот, во холот на конференциската сала во Хелсинки, „Трчај по него“.

Се затрчав ама морав да запрам кога министерот за надворешни работи на Германија во нос ми ја тресна вратата на која пишуваше „Gentlmen“.

Сè, па и ова поведение е производ на анархичната структура на меѓународното општество на држави каде нема централна власт која би можела да ви помогне ако западнете во невоља, нема светска влада, а најблиску до тоа се големите сили.

„Ставиш образ под ноге и молиш за своју земљу“, ми вели министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Харис Силајџиќ, на случајна средба на некаков аеродром за време на југословенските војни. Истото „со образот“ сум го правел и јас. Сум правел работи за државата кои за себе лично никогаш не би ги направил.

Она што Руте, генералниот секретар на НАТО, вчера го направи за организацијата и за Европа е нешто слично. Достоинствениот, ладнокрвен премиер на Холандија, каков го паметиме од посетите на Македонија, е преплашен од Трамп. Говорот на телото тоа јасно го кажува при секоја средба со него.Овој пат, уште пред да пристигне на самитот, преку Truth Social, му упати додворувачка порака на американскиот претседател во која вели: „Доналд, ти навистина не дотурка до еден навистина, навистина значаен момент за Америка и за Европа, и за светот. Оствари нешто што НИТУ ЕДЕН американски претседател, низ декадите не успеа да го оствари. Европа ќе плати ГОЛЕМО, како што и треба и тоа ќе биде твоја победа“.

Се разбира, Руте зборува за фамозните 5% придонеси на државите членки во буџетот на НАТО. Патем, тој му честита на Трамп за „одлучната акција во Иран иако таа приказна уште не е завршена.

Всушност, генералниот секретар го споделува стравот на европските лидери дека Трамп може да го растури самитот, па и НАТО, и за да го одоброволи спремен е да го стави својот образ под нозе. Сето тоа е дел од една милениумска дипломатска традиција која настанала во морето на светската политика во кое пливаат китови и сардини.

Од кажувањата на македонските политичари, разбирам дека традицијата не важи за нас денес. Со своите изјави создаваат впечаток дека тие се секогаш горди, не молат за ништо и не трчаат по никого. Со чист образ, водат само „жестоки битки“.

Ако е така, светот многу се променил оваа година од владеењето на новата коалиција во Македонија, ако не е, тие се во некоја друга игра за по дома, од која нема големо фајде.Она што вчера се случи во европскиот парламент е уште една потврда на европските политичари дека стојат зад јазикот и идентитетот на една преплашена млада нација, нешто што упорно ни го повторуваат последниве години.

Но, да се вратиме на приказната за Трамп и Руте. Инаку, како реплика на додворувањето на Руте, во текот на летот кон Хаг, Трамп, во одговор на новинарско прашање, рече нешто што му ја заледи крвта на Руте и на другите НАТО-политичари. Имено, на прашањето дали стои зад членот 5 од повелбата на НАТО, ветувањето за колективна одбрана, Трамп одговори: „Зависи од вашата дефиниција. Има бројни дефиниции на членот 5. Знате , нели? Но јас ќе бидам нивен посветен пријател. Посветен сум на спасување животи, Посветен сум на животот и на сигурноста. И ќе ви ја дадам точната дефиниција кога ќе стасам таму. Не сакам да го правам тоа во задниот дел од авионот“.

Всушност, има само една дефиниција на членот 5 до која се држеле сите досегашни американски претседатели, а таа е: „Напад на еден е напад на сите“.

Сепак, моите симпатии кон Трамп за искреноста, во светот на политиката во која има толку дволичност. Имено, во науката за меѓународната политика одамна се води дебата со заклучок дека, кога се работи за колективната безбедност, нема автоматизам. На пример, дека во моментот кога Русија би ја нападнала Полска, Америка би влегла во нуклеарна војна со Русија. Искуствата со колективната безбедност покажуваат дека политичарите сепак сакаат уште еднаш да го пресметаат нивниот национален интерес, особено ако се работи за нуклеарна војна. Затоа, можеби инвазија на една земја-членка на НАТО би довела до нуклеарен судар, ама поверојатно е дека не. Интересот да се сочува себеси ќе надвладее, па оттаму нема да има автоматизам.

На самит кој се одвива во сенката на вакви егзистенционални дилеми, беше детинесто од наша страна да бараме простор за македонско-бугарскиот спор, за кој западните сојузници веќе се изјаснија: решението е во „францускиот предлог“. Освен, се разбира, ако Трамп не мисли поинаку.

Back to top button
Close