Личности на годината

Сѐ додека луѓето ги голтаат вестите на ВМРО-ДПМНЕ каде го исмејуваат СДСМ, истите тие луѓе, за жал, ќе продолжат да живуркаат во оваа утепана, тажна жабокречина од земја, која самите си ја сервираат.

Ќе продолжат убиства на двегодишни деца од залутан куршум на новогодишната ноќ, затоа што оружјето и пиротехниката се најисплатливите играчки кои властите немаат никаква намера да ги забранат. Детонациите низ земјава се гаранција дека целата агресивност на луѓето ќе се испука и исфилтрира преку физичко насилство, кое не е казниво, санкционирано, најмалку превенирано. Напротив, насилството е охрабрувано и посакувано.

Сите фрустрации и несреќни животи се пожелни, токму заради оваа сиромаштија, распадното здравство, отров кој се дише, мали и големи депонии во кои тонеме, сообраќаен хаос кој не се контролира барем со паркирањето на Клинички, градење згради во секое можно дупче низ градов. Не грижете се, спокојно владејте. Само задоволно мижете на агресијата и насилството, нека ескалира хаосот до неразумни граници, нека се ништат и толчат сами со себе, нека не гледаат што правите вие, власти кои апсолутно владеат и не ги помрднува ниедна несреќа, ниедно зло предизвикано од корупција, беззаконие, ниедно масовно убиство како она во Кочани.

Гледаме на обвинителна клупа министри од пред 12 години, но не и сегашни министри кои ја имале функцијата токму кога се случи кочанската трагедија. Само семејствата на жртвите ги поставуваат овие прашања и бараат одговори. Затоа и тие се најхрабрите, најголемите и најзначајните луѓе во оваа земја. Тие се нашите луѓе кои можат да донесат промени, нов свет и нов живот, иднина за оваа земја.

И по некој независен медиум, толку сме малку, сепак недоволни, за да грми државата, за да се мобилизира општеството.

Затоа, оваа година и сите што следат, можат да бидат само полоши и помизерни, тогаш кога молкот и помирувањето се граѓанскиот одговор за сопствениот живот, додека кочанските семејства се борат и гинат за сите кои удобно заспале во кошмарот кој доброволно си го креирале.

Back to top button
Close