Лидерите на ЕУ и Западен Балкан на средба во Брисел

Лидерите на ЕУ и Западен Балкан денеска ќе одржат средба во Брисел, пред состанокот на Европскиот совет во јуни, а на средбата, меѓу другото, ќе се разговара за напредокот на интеграцијата во Европската Унија.

Меѓу целите на состанокот е да се истражат иновативни начини за унапредување на пристапните разговори на земјите, да се поттикнат реформите и да се постигне напредок во постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот, врз основа на ревидираната методологија на ЕУ за проширување.

На Самитот ќе присуствуваат и премиерот Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и покрај нивните претходни изјави оти можеби нема да одат во Брисел.

Тие, сепак, вчера одлучија дека ќе одат на Самитот.

На средбата, лидерите ќе разговараат и за предизвиците што произлегуваат од руската агресија против Украина, а ќе се одлучува и дали ќе и дадат кандидатски статус на земјата, по позитивната препорака од Европската комисија минатата недела.

Според најавите, состанокот, исто така, ќе биде можност да се направи преглед на напредокот на клучните инвестиции во рамките на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан (ЕИП), да се разговара за геостратешки прашања, да се истражат начини за поттикнување контакти меѓу луѓето и да се промовира усогласување со вредностите на Европската Унија и заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП).

Според соопштението на Советот, целите на состанокот вклучуваат истражување на иновативни начини за унапредување на пристапните преговори, поттикнување реформи и напредок во постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот, надградба на ревидирана методологија за проширување.

Лидерската средба е дел од спроведувањето на Стратешката агенда на Европскиот совет 2019-2024 година.

Back to top button
Close