Лидерите на ЕУ: Само доколку сме обединети ќе бидеме посилни од вирусот (ВИДЕО)
Лидерите на ЕУ и на земјите-членки на ЕУ испратија порака до граѓаните на заедницата во врска со пандемијата, во која им се заблагодаруваат и им даваат надеж на крајот на 2020 година.
Тие тоа им го порачаа во кратки видео пораки, објавени на веб-страницата на Европскиот совет, кои ги снимија одделно, со наслов „Обединети против ковид-19“.
Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, рече дека тим од 450 милиони граѓани на ЕУ може да ја стави пандемијата под контрола доколку ги почитува мерките, се грижи за себе и за другите.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека најдобрата заштита од пандемијата е во наши раце.
– Ограничете ги контактите, носете маски, држете се на дистанца и покажете внимание кон другите. Заедно ќе бидеме посилни од вирусот – рече Меркел.
Францускиот претседател Емануел Макрон им се заблагодари на граѓаните за нивната одговорност и солидарност и додаде дека тие мора да продолжат да бидат солидарни и одговорни се додека не се појави вакцината.
– Само на овој начин можеме да се спротивставиме на вирусот. Се надевам дека вакцината ќе стави крај на пандемијата – рече Макрон.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на обединување во борбата против ковид-19.
– Ако се обединиме, ќе победиме – рече тој.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте истакна дека Божиќ е време на радост, но дека мора да останеме внимателни.
– Божиќ ќе биде различен, но развојот на вакцината е голем знак на надеж – рече Конте.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека пандемијата многу ја погоди Европа и дека е благодарен на многу граѓани кои помогнаа.
– Посебна благодарност до лекарите и оние кои работеа во домовите за нега на постари лица, а пред се на истражувачите кои работеа – рече Курц.
Слични пораки испратија и други лидери на земји-членки на ЕУ, како што се хрватскиот и словенечкиот премиер Андреј Пленковиќ и Јанез Јанша, словачкиот премиер Игор Матович и многу други.