Лидерите на Русија и Иран ќе се сретнат на Самитот на Шангајската организација за соработка во Кина
Претседателот на Русија Владимир Путин го информирал иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за резултатите од средбата со американскиот лидер Доналд Трамп, што се одржа во Анкориџ, Алјаска, соопшти Кремљ.
„Се одржа телефонски разговор меѓу претседателот на Руската Федерација Владимир Путин и претседателот на Исламска Република Иран Масуд Пезешкијан, за време на кој Путин ги изложи клучните резултати од руско-американската средба на врвот“, наведува Кремљ.
Според прес-службата на иранскиот претседател, Пезешкијан во разговорот изразил поддршка за дипломатските напори насочени кон мирно решавање на војната во Украина. Тој изразил надеж дека разговорите меѓу Путин и Трамп ќе придонесат за излез од украинската криза. „Се надевам дека постигнатите договори ќе доведат до брзо решавање на украинското прашање“, рекол Пезешкијан.
Двајцата лидери се договориле да одржат лична средба во рамките на самитот на Шангајската организација за соработка, кој ќе се одржи во Кина од 31 август до 1 септември.
Разговорот ги опфатил и прашањата за иранската нуклеарна програма, состојбата на Јужен Кавказ, како и можностите за продлабочување на руско-иранската соработка во енергетиката и транспортот.
„Покрај билатералната соработка со Русија, Иран ги гледа регионалните и меѓународните организации како ЕАЕУ, Шангајската организација за соработка и БРИКС како конструктивни платформи за заеднички активности, особено со Русија и Кина, за ефикасно спротивставување на обидите за воспоставување еднополарен свет“, истакнал Пезешкијан, според неговата прес-служба.