Лидерите на Вреди на состанок за состојбата во коалицијата и за локалните избори
Коалицијата Вреди вечерва одржува состанок во Скопје на којшто се очекува да стане збор за состојбата внатре во коалицијата и за претстојните локални избори. На состанокот присуствуваат лидерите на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, на Демократското движење Изет Меџити, на Беса Биљал Касами и на Алтернатива Зеќирија Ибраими.
Пред состанокот, Таравари кусо во изјава за медиумите рече дека нема да има поделби внатре во коалицијата. На новинарско прашање за тоа кои се очекувањата од вечерашниот состанок, Таравари рече дека е без очекувања, бидејќи „се работи за редовен состанок на партиите”.
Лидерот на Демократско движење и министер за животна средина и просторно планирање Меџити, пак, посочи дека коалицијата ќе настапи со заеднички листи на претстојните локални избори, додека за тоа дали Таравари останува во Вреди или ќе ја напушти коалицијата, Меџити рече: „Тоа треба да го прашате Таравари”.
Лидерот на Беса Биљал Касами не даде изјава пред состанокот, додека претседателот на Алтернатива Зеќирија Ибраими рече дека се работи за координативен состанок на партиите од Коалицијата Вреди.
Во изјави за медиумите денешниот состанок го најавија Касами и Таравари. ра/ев/