Лидерот на белоруската опозиција, Сергеј Тихановски пуштен на слобода по речиси пет години затвор
Еден од лидерите на белоруската опозиција, Сергеј Тихановски денеска беше ослободен од затвор откако беше помилуван по речиси пет години поминати зад решетки, објави „Гардијан“.
Изненадувачкиот потег дојде неколку часа откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, го посети Минск и се сретна со белорускиот претседател Александар Лукашенко, што беше контакт на највисоко ниво меѓу Вашингтон и белоруската Влада од 2020 година.
Вкупно 14 белоруски политички затвореници денеска се пуштени на слобода, објави весникот „Наша нива“.
Белорусија ослободи 14 затвореници по посетата на специјалниот пратеник на американскиот претседател, Кит Келог, објави заменик-претседателот на Келог, Џон Кол, а веста ја потврди и портпаролот на литванскиот премиер, кој изјави дека сите затвореници ослободени денеска се на безбедно место во Литванија и добиваат соодветна грижа.
Тихановски, поранешен блогер кој поттикна расположение против Лукашенко пред претседателските избори во 2020 година, беше уапсен кратко по објавувањето на својата кандидатура, а подоцна осуден на 18 години затвор поради „поттикнување омраза и социјални немири“ во случај кој се смета дека е политички мотивиран.