Лидерот на ПАСОК бара седница во Парламентот за потврдување на резолуцијата од пред десет години за признавањето на Палестинската држава
Со мојот денешен допис до Претседателот на Парламентот Никитас Какламанис, барам свикување на пленарна седница за состојбата што владее во Палестина, со цел да се потврди и ажурира содржината на едногласната Резолуција на грчкиот Парламент од 22 декември 2015 година, за унапредување на признавањето на Палестинската држава од Грција, како и за преземање на секој можен дипломатски напор за итно започнување директни мировни преговори, напиша на Икс лидерот на ПАСОК, Никос Андрулакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на главната грчка опозициска партија во писмото до претседателот на Парламентот се осврнува на актуелната ситуација во Газа, вели дека „кризата веќе со месеци влезе во многу опасна фаза“ и посочува дека е „јасно и прецизно дека операциите на израелските вооружени сили имаат единствена цел целосна евакуација на Појасот Газа од сите палестински жители, а тоа, претставуваат чин на етничко чистење, според сегашната дефиниција на Обединетите нации и Европската Унија“.
– Пред оваа ситуација, со јасни кршења на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право, со трагични димензии на хуманитарно ниво, но и со непредвидливи пошироки геополитички влијанија, јасно е дека грчкиот Парламент-демократски најлегитимното, претставничко тело на нашата држава, не може, а да не го изрази својот јасен став пред човечката болка, уништувањето, систематското етничко чистење. Повеќе од кога било досега апсолутно е неопходно да се потврди искрената и недвосмислена посветеност на Грција за решението за две држави, како резултат на разговорите меѓу Израел и Палестинската самоуправа, во согласност со релевантните резолуции на ОН – единствената праведна и одржлива опција за мирен и безбеден соживот на народите во регионот, пишува Андрулакис и бара од претседателот на Парламентот да свика пленарна седница.
За барањето на лидерот на ПАСОК, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека ставот на Грција за признавање на Палестинската држава е непроменет и за тоа нема дискусија, а прашањето што се поставува е „кога?“ и тоа е „поврзано со интересите на земјата“, а „одговорите ќе ги дадат надлежните“.