Лидерот на пучот во Мали повторно ја презеде власта од преодната влада
Поранешниот лидер на воениот пуч во Мали, Асими Гоита, денеска ја поврати контролата врз оваа западноафриканска земја откако синоќа ги смени претседателот и премиерот на преодната влада бидејќи најавија реконструкција на кабинетот без негова дозвола.
Гоита вети дека новите избори ќе се одржат во 2022 година, како што претходно беше планирано, но неговата демонстрација на сила фрла сомнеж дали гласањето ќе се одржи без значително мешање од воената хунта што го симна од власт последниот демократски избран претседател на земјата, пренесува Бета.
Овој потег на Гоита, исто така, предизвика загриженост дека новите политички немири можат дополнително да ги дестабилизираат напорите за задушување на долгогодишниот вооружен бунт во Мали. Обединетите нации досега трошеа речиси 1,2 милијарда американски долари годишно на мировната мисија во земјата.
Веста за новиот пуч војската го соопшти преку државната телевизија, само еден ден откако војници го уапсија претседателот Баха Ндав и премиерот Моктар Уан и ги доведоа во армискиот штаб во Кеити, на 15 километри од главниот град. Двајцата и денеска се во притвор.
Апсењата на претседателот и премиерот предизвикаа голем бес кај меѓународната заедница, која издаде остро соопштение во кое ги предупредува воените лидери на Мали дека нивните постапки можат да ја нарушат глобалната поддршка за привремената влада.
Регионалниот блок на Западна Африка – ЕКОВАС за денеска попладне испраќа делегација во главниот град Бамако, поради ескалацијата на политичката ситуација.
Гоита во преодната влада на мали од септември минатата година беше потпретседател на владата, и покрај првичните повици на меѓународната заедница да се воспостави целосно цивилна преодна влада.
Кога ја најавија смената на претседателот и премиерот на преодната влада, војската, исто така, соопшти дека од функциите ги отстранува сите други министри, наведувајќи дека тоа ќе го погоди „секој вмешан во ситуацијата“.
Војската, меѓутоа, потенцира дека периодот на транзиција ќе го следи својот нормален тек и дека изборите ќе се одржат како што е закажано за 2022 година. Под меѓународен притисок минатата година, воената хунта вети дека ќе ги одржи тие избори до февруари следната година, 18 месеци по пучот во земјата.