Лидерот на СНС во Охрид се сретнал со Мицкоски. За средбата објави гостинот од Белград
За средбата, Вучевиќ информираше преку социјалните мрежи каде објави заедничко видео со Мицкоски во кое двајцата ги истакнаа своите впечатоци од разговорите
Лидерот на Српската напредна странка (СНС) и поранешен премиер на Србија Милош Вучевиќ, денеска бил во посета на Охрид каде се сретнал со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За средбата, Вучевиќ информираше преку социјалните мрежи каде објави заедничко видео со Мицкоски во кое двајцата ги истакнаа своите впечатоци од разговорите.
„Сакам да му се заблагодарам на претседателот на Владата и лидер на најголема македонска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за гостопримството, братството и прекрасното време што го поминавме заедно во историскиот град Охрид, седиште на македонската култура и би рекол на сите христијански и православни култури. Разговараме за тоа да ја подобриме и зајакнеме соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СНС и секако разговараме за српско-македонските односи и вкупните односи на Западен Балкан. Ќе го чуваме нашете пријателство почитувајќи ги двете држави и двата народа, помагајќи си и никогаш не работејќи едни против други“,истакна Вучевиќ.
Премиерот Мицкоски истакна дека ваквите средби треба да прераснат во традиција.
„Благодарам за можноста и честа што мојот драг пријател Милош Вучевиќ, ми ја укажа денеска да биде со мене во Охрид, а мене ми беше задоволство да му ги покажам убавините што ги нуди, јас би рекол, не само македонскиот бисер, туку балканскиот, европскиот, светскиот бисер Охрид. Посетивме неколку културни места кои се духовно богатство на православниот свет. Се надевам дека од оваа посета Милош ќе понесе во Србија добри и квалитетни спомени. Ваквите средби можат само да значат добрососедски односи и подлабоко пријателство меѓу двете сестрински партии ВМРО-ДПМНЕ и СНС. Нека ни прерасне ова во традиција, може следната средба да ни биде во некој српски град“,изјави Мицкоски.
За средбата на Мицкоски со Вучевиќ нема ништо објавено на профилите на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. За средбата не информираа ниту од партијата.
Милош Вучевиќ беше премиер на Србија од 2 мај 2024 до 16 април 2025 година. Тој претходно во јануари поднесе оставка по уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад.