Лидерска средба на коалициските партнери за утврдување на следните чекори кон уставните измени, очекува Османи


За процесот на уставни измени она што треба да следи е средба на лидерите на политичките партии, на коалициските партнери и тие што ги поддржуваат уставните измени, на која треба да бидат разгледани сите аспекти и чекорите кои ќе следат кон уставните измени, смета шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Мислам дека тоа што следи сега е средба на лидерите на политичките партии на коалициските партнери, и тие што ги поддржуваат уставните измени со цел да седнеме и да ги разгледаме сите аспекти и чекорите кон уставните измени. Не мислам дека треба сега преку медиуми да си кажуваме ставови по однос на тоа што е нашата позиција, туку треба да седнеме и да видиме кои се околностите, кои се можностите и кои се приоритетите на државата. Така што, очекувам на таа средба секоја партија да си ги каже своите ставови, и очекувам дека без многу дебата, ќе постигнеме одлука за тоа како понатаму, вели Османи на новинарско прашање по засадувањето дрвца во Паркот на франкофонијата.

Запрашан за тоа дали по изборите во Бугарија, ќе добиеме партнер кој безусловно ќе ја поддржува земјата на патот кон ЕУ, шефот на дипломатијата рече дека се надева дека во Софија ќе се формира политичка влда и за да се вратиме на дијалогот за продолжување на соработката меѓу двете земји.

-Фактот што немаше политичка влада во Бугарија, последните две години беше отежнувачки фактор. Затоа што немаше политички партнер со којшто можевме да се договориме по однос на одредени прашања, а во услови кога нема политичка влада, тогаш обично конзервативни и радикални елементи во општеството го диктираат наративот. Тоа ни се случи на нас, за жал, и токму тие конзервативни радикални мерки ги киднапираа односите и доведоа до ескалација на тие односи. Јас се надевам дека после овие избори од недела ќе се формира политичка влада за да веднаш се вратиме на дијалогот, на разговорите, на тоа како да ја продолжиме соработката во сите сектори во општеството, истакна министерот Османи.

Back to top button
Close