Лидерски состанок на Коалицијата на подготвените за поддршка на Украина во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер денеска во Париз ќе бидат кодомаќини на средба на лидерите на земјите членки на Коалицијата на подготвените за поддршка на Украина, на кој главна тема ќе бидат безбедносните гаранции за Киев, како „неопходен услов за секој траен мир“.
Во најавата на состанокот, Елисејската палата посочи дека Франција конкретно ја поддржува Украина за зајакнување на нејзината отпорност и за да се подготви за својата иднина во Европа.
– Ја потврдуваме нашата посветеност на праведен, целосен и траен мир во Украина. Предуслов за овој мир мора да бидат цврсти безбедносни гаранции, обезбедени од членовите на Коалицијата, се наведува во најавата.
Европскиот совет, пак, соопшти дека на состанокот ќе бидат разгледани тековните напори за воспоставување рамка за праведен и траен мир во Украина, за унапредување на безбедносните гаранции и за утврдување на следните чекори за понатамошна поддршка на земјата.
Минатиот месец Европскиот совет се согласи да обезбеди заем од 90 милијарди евра за Украина за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година, која позајмица ќе биде вратена само откако Русија ќе му исплати на Киев компензации за штетата предизвикана од нејзината агресија.
На состанокот во Париз, меѓу останатите лидери ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Како што информира главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо на денешната средба ќе бидат разгледаат резултатите од состанокот на советниците за национална безбедност на членките на Коалицијата на подготвените, што минатиот викенд се одржа во Украина.
– Работата ќе продолжи особено во врска со безбедносните гаранции. Тие ќе бидат претставени и лидерите ќе дискутираат по нив. Немам што повеќе да кажам во врска со ова, но сигурно е дека има напредок, рече Пињо на вчерашната прес-конференција во Европската комисија.
Запрашана дали ЕУ планира да го следи примерот на САД и да даде посебни безбедносни гаранции на Украина или ќе се приклучи кон гаранциите на Коалицијата на подготвените, Пињо рече дека не е тајна оти Унијата секогаш и дава безбедносни гаранции на земјата.
– Постои една многу јасна безбедносна гаранција, а тоа е перспективата за пристапување на Украина во ЕУ. Тоа е понуда независно од она што го нуди Коалицијата, додаде Пињо.
Коалицијата на подготвените обединува 35 држави кои работата на поддршка на Украина, ставање крај на војната и враќање на мирот. Цел на Коалицијата е да се обезбеди континуирана воена помош за Украина, да се гарантира нејзиниот суверенитет во секој иден мировен договор и да се зајакнат украинските одбранбени способности во време на мир.






