Лила Филиповска за прв пат проговори за борбата со ракот (фото)

Лила Филиповска за првпат отворено и непосредно проговори за нејзината најголема животна битка во новиот број на списанието за жени „Убавина и здравје“.

По повеќе од една година исполнета со неизвесност, очекувања, терапии и стравови, омилената ТВ-водителка победнички може да каже дека е здрава. Во битката со канцерот, победникот е Лила.

– Се чувствувам одлично, победнички! Последниот пет-скен покажа дека канцерот се повлекол и дека сум здрава! Имам измешани чувства. На моменти се смеам гласно, па ќе ми надојдат солзи… Повеќе од една година бев во постојана неизвесност и сонував за овој момент кога докторите ќе ми кажат: „Лила, во оваа битка ти си победникот!“ За среќа, го дочекав тоа.

Кога ќе помислев колку многу жени го поминале или го поминуваат мојот пат, си велев дека не морам сега да ги заморувам луѓето со мојот здравствен проблем. Што би се случило кога сите би давале интервјуа за своите проблеми?! Од друга страна, пак, веќе 25 години ја споделувам мојата интима со публиката, раскажувам за моите патувања, препорачувам производи и сметав дека е чесно да кажам дека се соочувам со сериозен здравствен проблем, дека ми дијагностицираа канцер на дојка и дека болеста не избира! Знаете, кога ја слушнав дијагнозата, бев во тотален шок! Можеби и ќе вриснев, но останав без глас.

Првата помисла ми беше: Дали е ова мојот крај? Уште колку имам? Потоа се сетив колку многу жени има што ги познавам и кои излегле како победници. Ми поминуваа разни мисли, но, за среќа, тоа траеше кратко. Само зедов здив и ја прашав мојата пријателка, доктор Вики: Што прво треба да се направи? Од каде да почнам? Се фокусирав на патот што ме очекуваше и се трудев да размислувам позитивно. Среќна сум што имам неколку добри, вистински пријатели кои ми се како семејство, кои беа покрај мене и ми го олеснија патот. Бескрајно сум им благодарна!

Back to top button
Close