Лим од градилиште Беко тешко повреди велосипедист во центарот на Скопје

 

Во центарот на Скопје, утринава, спроти полициската станица Беко“, се откорнал лим од зграда во изградба и паднал врз велосипедист кој во моментот поминувал покрај местото на несреќата.

Според граѓаните кои се сведоци на настанот, лимената конструкција се одвоила поради силен ветер.

Велосипедистот се здобил со тешки повреди, а на местото на настанот интервенирала Итната медицинска помош.

Очевидци велат дека повредениот е пренесен во болница.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„На 15.07.2025 околу 7.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на пешачката патека на улица Даме Груев во Скопје, додека С.П. (64) се движел со велосипед, врз него паднал лим од заштитна ограда со која е оградено градилиште. С.П. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош“, велат од МВР.

 

Градилиштето на поранешно „Беко“ е небезбедно оти постојано летаат парчиња од оградата и друг градежен материјал, но и покрај тоа никој не интервенира. Од Општина Центар при секој инцидент велат дека ќе му наложат на инвеститорот „БС Консалтинг“ да го обезбеди градилиштето, но тоа не е сторено.

 

 

Фирмата „БС Консалтинг“ во времето на градоначалникот Андреј Жерновски доби дозвола за доградба и надградба на постојниот објект кој со години работеше како хотел. На почетокот на градежните работи им било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа сопственикот го урна објектот, со намера да го гради одново. За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба, градителот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. Но и покрај тоа, постојано со прекини се градеше и добиваше казни од Општина Центар.

 

 

Во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ беше поднесена и кривична пријава против сопственикот на фирмата Борис Стојменов, а две години потоа Обвинителството поднесе обвинение за градење на диво.

 

 

Инвеститорот пред две години почна да го урива она што го изгради на диво, односно беа урнати столбовите. Оттогаш таму нема никаква активност ниту некој го обезбедува градилиштето.

извор фокус и сдк мк

Back to top button
Close