Линхарт: Рестрикциите за невакцинираните ја зголемуваат подготвеноста на луѓето за вакцинирање

Сите сме силно погодени од пандемија со Ковид-19 и ставот на австриските власти во моментот е дека треба да се охрабрат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинација на што повеќе луѓе е вистинскиот пат, вели австрискиот министер за европска и меѓународната соработка Михаел Линхарт во интервју за МИА.

– Состојбата постојано се менува. Бројките на инфицирани граѓани во Австрија повторно одат нагоре, и тука е вакцинацијата каде ние сме во рамките на европскиот просек. Во моментот сметаме дека треба да ги охрабриме луѓето да се вакцинираат. Сега имаме мерки преку кои луѓето кои не се вакцинирани ја немаат таа слобода како вакцинираните, и увидовме дека тоа дава резултати во спремноста на луѓето да се вакцинираат, истакнува Линхарт.

Тој потенцира дека по новите рестриктивни мерки во Австрија за лицата кои не се вакцинирани, само минатата седмица имало околу 130,000 луѓе кои се вакцинирале.

– Мислам дека ова е поттикот што ни е потребен. Исто така гледаме дека вакцинираните се помалку зафатени од инфекцијата и не ги оптоваруваат одделенијата за интензивна нега во болниците. Затоа, охрабрувањето за вакцинација на што повеќе луѓе е вистинскиот пат и ние ги насочуваме напорите во таа насока, додава шефот на австриската дипломатија.

Back to top button
Close