Лисабонска пролет

Се надевав дека поранешниот ни МНР, Н.Димитров прв ќе запловеше во “мирната лука” (феничанско име за Лисабон веднаш кога градот ќе процвета, за да ја продолжи одисејата за добивање на датата за преговори. Во меѓувреме сегашниот вицепремиер за ЕУ интеграцији, даде Божиќно интервју за МИА (подетално во продолежение на колумната). Португалија има фројдовски причини да ја разбере нашата ситуација, бидејќи и самата била во слична ситуација при приемот во тогашната ЕЕЗ.

 

Ама, официјален Лисабон проширувањето на ЕУ не го стави во приоритетите на идното претседавање, а ние не можеме да чекаме  европскиот пат да ни се заледи. Затоа, златоустиот олеснител, кој го олесни и арсеналот на тенковски резерни делови, со што и помогна на Бугарија да ги исполни и условите за влез во НАТО, експертот по римско право, веднаш по Божик допатува во Софија по втор пат, овој пат без non paper (на првиот Софија не одговори) туку со акционен план. И наместо Лисабонската офанзива да започне после мала дипломатска бонаца, нестрпливата влада не сакаше да губи време.

Време не губеше секако ниту Атина. Ја следеше ситуацијата во нашите односи со Софија и го покани новиот МНР, Б. Османи да ја посети Атина, со протоколарен третман како да е официјална посета. И пораките на дипломатскиот волк, министерот Н. Дендиас (милувам да ги  споредувам биографиите на соговорниците, што и овој пат го направив) беа  секако  институционално договорени, а начинот како  тој на конференцијата за печат ги соопштени, беше на граница на дипломатски фаул. Препредениот Крфљанин Дендиас, не спомна стандарден дипломатски збор кој во вакви прилики не се изоставува, а тоа е реципроцитет. И Софија не губеше време. Ја цементира својата позиција давајќи ни педагошки лекции. Осакатениот Вевчански карневал во тоа и помага. Ние се определивме за гандиевска одбрана на својата позиција. Во таа ролја, МНР Османи одлично се справува. Барањата на Софија и Атина се надополнуваат на што укажувам веќе неколку години. Она што не разбирам зошто пред вака важни посети и мисионерски екскурзии, институцијално не се расправа за  актуелните прашања, пред се во Парламентот.

Високиот протоколарен третман на посетата на нашиот МНР може да биде данајска ујдурма. Но за тоа акл ќе дадат новите советници ангажирани од премиерот, вклучувајќи и новиот за надворешна политика.

Опозицијата тера по свое. Претседателот го остри перото за потпишување на нови укази за амбасадори. Може некого да протне и од  веќе афирмираниот (по изјавите) Совет на амбасадори.

Но, да се вратам на ветеното од почетокот на колумнава, чекајќи  го загрижениот Годо. Да, тој. Ги коментирам десете клучни точки од споменатото интервју на Н. Димитров, не по редослед на значајот, туку поради хронологијата на изјавите,  на внимателниот читател да му овозможан полесно следење.

Првата се однесува на употребената именка луксуз. Имено унапредениот министер верува дека “ЕУ нема да дозволи луксуз и  2021 година да помине така како што помина во 2020, со неуспех во проширувањето”. Терминот  ниту семантички а посебно не дипломатски не одговара.

Второ, изјавува дека 2021 ќе ни биде посреќна (Лото) и подобра од коронарната  2020, не давајќи при тоа никакви видливи докази за таков оптимизам.

Трето, глорификација на позицијата  на Германија, со нагласување на улогата на канцеларката Меркел и олеснувачите  министрите Мас и Рот “кои имаат стриктно поделени надлежности”. Оваа констатација е добра и треба да се применува и кај нас во односите меѓу вице премиерот за ЕУ и МНР. Самобендисаниот ни екс МНР, не пропушти прилика да наведе  дека “имаме возрасна политика, зборуваме со европски јазик и дека нашата позиција беше разбрана, прифатена и подржана од сите земји-членки”. Многу праволиниски констатации на еден, како самиот  тврди, професионален дипломат.

Четврто, “не водиме битка само за македонскиот идентитет, туку и за европскиот” вели мудриот екс МНР. Малку ми личи на држење лекции на ЕУ, посебно околу неуспехот со проширување” со што испраќаат  негативни сигнали за еден регион”. Не ви се чини дека е претенциозно?

Петто, географските близини на една држава претседавач со ЕУ се доведуваат во корелација со нивото на нивнита ангажираност во, овој случај, процесот на проширување. Објаснувајќи ја оваа небулоза, дава непрецизни анализи и предвидувања на идните реакции на Португалија а потоа и за Словенија.

 

Шесто, Димитров лансира нов посодветен термин за проширување, а тоа е комплетирање. Демек, ЕУ без Западниот Балкан не е комплетна, како нпр. Барса без Меси, или Јуве без Роналдо. Внимателно со термините.

Седмо, Меѓународно право покрај правото на самоопределување подразбира и право на името на сопствената држава. Со впишувањето на РМ во катастерот на нови држави во 1993, се прекрши и  меѓународното право и се прекрши Чартерот на ОН. Преспа, сепак малку ми личи на кршење на меѓународното право, а резултатите од референдумот за името тоа го потврдија.

Осмо, споредувањето на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство е извршено невнимателно, за правник, експерт за меѓународно право. Имено, екс МНР тврди дека со Преспа Грција го прифати нашето право на самоопределување. Парадокс. Па нели правото на сопствено име е дел  е ,исто така, самоопределувањето. Тој со право тврди дека Преспа договорот има правна основа, ама не само

поради Резолуциите на Советот за безбедноста, туку и врз основа на правилата на меѓународното право.

Деветто, вице премиерот за ЕУ тврди дека со Преспа, македонскиот идентитет не е чепнат, заборавувајќи дека името е суштински дел од идентитетот.

Десетто, СЕП е координатор на  реформите констаира пророчански вице премирот, наведувајќи дека после десет години заврши тендерот  што ќе овозможи стотина висококвалификувани преведувачи успешно да работат на преводот на европскоото законодавство на македонски јазик. Прашање за милион долари. Кој ни пречеше уште од 1995 (апликација за ЕУ) да почнеме со преводите. Впрочем, можевме да ги земеме преводите од хрватскиот, српскиот или пак  црногорскиот јазик.

 

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close