Лисиците се дел од природата – не ги допирајте и не дозволувајте незнаењето не биде храна за ирационален страв

Соопштение на Анима Мунди:
Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Апелираме до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.
Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.
Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.
✳️Што треба да направите ако видите лисица?
• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.
• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.
• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.
• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.
Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата.
👉Воедно, побаравме мислење од Македонското Еколошко Друштво (МЕД), а дел од нивниот коментар го споделуваме во продолжение:
Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.
Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно.

Back to top button
Close