Литературна манифестација – ПЕТТИ фестивал на поезија за деца „СТИХУВАЛКИ 2022 “


Проектот – ПЕТТИ фестивал на поезијата за деца „СТИХУВАЛКИ 2022“ оваа година се реализира јубилејно по петти пат како традиционална литературна манифестација којашто има првенствена цел да придонесе за книжевниот и културниот развој на македонската литература за деца, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите кои пишуваат поезија за деца.

По распишаниот конкурс со свои творби аплицираа 142 македонски автори – (афирмирани и неафирмирани) како и автори од соседните држави.

Од нив жири – комисијата избра 88 автори со нивните поетски творби коишто се објавија во заедничка збирка „СТИХУВАЛКИ 2022“.
На тој начин се открија нови имиња кои творат за децата и еден нов неоткриен квалитет.
Со цел проектот да се отвори кон регионализација и дисперзија на проектните активности низ повеќе општини во државава, се реализираше мобилен патувачки поетски карван со мини поетски фестивали – ПРОМОТИВНИ АКТИВНОСТИ во Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Општина Илинден-Скопје и Општина Аеродром-Скопје, на кои се промовираше публикацијата – ЗБИРКАТА со поетски творби, настапија  поетите кои претендираат за некоја од трите награди, а свој настап имаа и децата.

Песните беа континурано објавувани и на фејсбук страницата „СТИХУВАЛКИ“, со што и публиката имаше можност да гласа за своите фаворити. Гласовите на публиката влијаат, но не се одлучувачки при изборот за награди од страна на Жири – комисијата.

Завршната манифестација на ПЕТТИОТ фестивал на поезија за деца „СТИХУВАЛКИ –Скопје 2022“ ќе се одржи на 8 јуни 2022 година (среда) со почеток во 18.00 часот на ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.

На свеченоста ќе биде промовирана ЗБИРКАТА со поетски творби „СТИХУВАЛКИ 2022“ и ќе им бидат поделени БЛАГОДАРНИЦИ на сите поддржувачи, помагатели и учесници, ПРИЗНАНИЈА на сите 88 застапени автори во ЗБИРКАТА како и подарок – по еден примерок од ЗБИРКАТА .

На свеченоста ќе се соопштат традиционалните награди на трите најдобри поетски творби за деца од тројца автори на кои ќе им се поделат: златна плакета за првата награда, сребрена за втората и бронзена за третата награда, симболични парични награди и други подароци.

Како и во минатите години и оваа година ќе се додели СПЕЦИЈАЛНА награда на автор чија песна добила најголем број гласови од публиката.
Сите наградени автори ќе добијат подароци од мироносната градина на сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин, кој своите цвеќиња ги шири низ сиот свет за поубав и посреќен живот на децата.
Наградените автори ќе добијат и други подароци од организаторот.
Проектот оваа година е поддржан од Министерството за култура во категоријата литературни манифестации и проекти 2022, од Град Скопје и Домот на културата „Кочо Рацин“- Скопје.
Носител и организатор на проектот е издавачката куќа ЕДУКА МАК – Скопје.
Автор на проектот и програмски уредник е м-р Ели Маказлиева.
На свеченоста ќе се обратат членовите на Жири-комисијата:
проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Елизабета Бандиловска и Лила Арсова.
Водител – модератор: Александра Велинова.
Свеченоста ќе биде збогатена и со музички точки.

Back to top button
Close