Ливит: Во најдобар интерес е Техеран да го прифати американскиот предлог
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, „испратил детален и прифатлив предлог до иранскиот режим и дека е во нивен најдобар интерес да го прифатат“.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека Иран никогаш не може да добие нуклеарна бомба“, рече Ливит во соопштението, додавајќи дека предлогот на САД му бил презентиран на Иран, пренесуваат британските медиуми.
Претходно, вчера шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, изјави дека Техеран добил „елементи“ од американскиот предлог за потенцијален нуклеарен договор од оманскиот министер за надворешни работи, Бадр ал-Бусаиди, по пет рунди разговори.
„(Бусаиди) денеска, за време на кратката посета на Техеран, ги презентираше елементите на американскиот предлог, на кои ќе се одговори на соодветен начин во согласност со принципите, националните интереси и правата на народот на Иран“, напиша Аракчи на X.
Ројтерс објави дека се очекува наскоро да се одржи шестата рунда разговори меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма, но дека датумот и местото сè уште не се познати.
Американските претставници постојано повторуваат дека секој нов нуклеарен договор со Иран, што би го заменил неуспешниот договор од 2015 година меѓу Техеран и шест светски сили, мора да вклучува обврска за прекин на збогатувањето на ураниум, што се смета за потенцијален пат кон развој на нуклеарни бомби.
Иран постојано негира дека има такви намери, соопштувајќи дека сака нуклеарна енергија исклучиво за цивилни цели и јавно го отфрли барањето на Вашингтон да го прекине збогатувањето на ураниум како напад врз неговиот суверенитет.
Меѓутоа, во вчерашниот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се наведува дека Иран ги зголемил своите залихи од збогатен ураниум и спроведувал тајни нуклеарни активности користејќи материјал што не е пријавен во МААЕ.