Лога: Можеме да покренеме постапка пред Уставниот суд за заклетвата на Силјановска-Давкова

Министерот за правда Кренар Лога, кој доаѓа од крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, најавува оти е можно да покренат постапка пред Уставниот суд во врска со свечената изјава на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова во која таа, изговарајќи го текстот наместо уставното име, употребуваше само „Македонија“.

Инаку, Лога беше меѓу првите кој реагираше по заклетвата на новата претседателка на државата велејќи преку објава на Фејсбук дека таа е ништовна бидејќи не било испочитувано уставното име на држава.

Тој во објавата на социјалната мрежа побара или да биде повторена свечената изјава или претседателот на Собранието Јован Митрески да ја преземе функцијата претседател на државата, како вршител на должноста.

„Вие не можете да ја добиете функцијата ако не дадете заклетва. Значи секој избран или именуван функционер треба да даде заклетва и вие ако не ја дадете заклетвата според правилата и прописите значи вие не сте ја презеле функцијата. И затоа јас кажав преку објава на Фејсбук или ќе треба да имаме уште еднаш повторување на заклетвата пред претседател на Собранието. Која е логиката вие да дадете една заклетва усно и друга заклетва писмено. Значи ова е невиден парадокс. Како може професор по уставно право, како може претседател на една држава да даде заклетва различна од таа што ја потпишува. Ова значи дека сите тие работи што вие ќе ги кажете усно, утре нема да ги почитувате бидејќи ќе потпишувате нешто друго“,изјави денеска министерот за правда во интервју за „Слободен печат ТВ“.

Инаугурирана новата претседателка: Митрески во заклетвата прочита ‘Република Северна Македонија’, Силјановска рече ‘Македонија’

Додавајќи дека уште стои на кажаното во објавата, Лога рече дека евентуално „може да се покрене и постапка пред Уставниот суд. Тој, не прецизира во чие име и од кого евентуално би била поднесена иницијативата до Уставен.

„Ако имаме ваков преседан, и во иднина ќе има други поединци кои ќе сакаат да се докажуваат дека се големи патриоти, било да се од македонската заедница или од другите заедници“,вели министерот за правда.

Одлуката на Силјановска-Давкова да не го употреби уставното при давањето на заклетвата, Лога го оцени како лош пример за еден државник и професорка која цел живот предавала уставно право.

„И сега седнува на таа функција и наместо да докаже на дело како треба да се почитува Уставот и државата, за жал таа го направи спротивното. Од друга страна е лош пример затоа што утре ќе има заклетви од страна на полицајците, од страна на претставници на Армијата – војници и други, и секој по своја волја ќе може да даде заклетва на име на држава која веќе не е. Некој ќе може да каже дека заклетвата ја дава на ‘Република Северна’, некој друг ќе може да каже друг поим“,рече Лога.

Министерот за правда вели оти очекува ваквиот прв чекор на новата претседателка на државата да се исправи деновиве.

„Јас уште вчера забележав дека од нејзина страна како да има ретерирање, но за жал тоа се случува после два дена кога ние жестоко сме нападнати од сите страни од сите наши сојузници, од наши соседи и верувам дека не беше добар почеток на мандатот“рече тој.

Говорејќи во таа насока, тој рече дека станува збор за стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што додаде, заборавила дека после изборите нема друга кампања бидејќи предизборната и изборната се завршени и сега следува само одговорност.

„ВМРО-ДПМНЕ има добиено огромна поддршка од граѓаните и за жал ќе излезе на виделина дека сето тоа што е кажано седум години наназад и сето тоа што е кажано на избори е една огромна лага за да се добијат гласови. Еве сега ги имаат сите бројки – 80 пратеници со ‘Вреди’ со Максим (Димитриевски) и со Левица и нека повелат тоа што го кажуваат, да не го кажуваат вака полузаконски и незаконски, туку нека одат во Собрание и со уставни измени нека го вратат името. Значи ако играат чесно, во првите денови тие ќе треба да го вратат уставното име на Македонија, бидејќи ги имаат бројките – 80 пратеници заедно со две други партии кои во изборната кампања исто така велеа дека ќе работат за да се врати името“,рече министерот за правда чија партија на чело со Зијадин Села е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.

Освен од дел од институциите и од дел сè уште актуелните министри во техничката влада, за неупотребата на уставното име на државата од страна на Гордана Силјановска-Давкова на нејзината инаугурација низа реакции стигнаа и од официјална Атина и од челниците на Европската Унија.

Back to top button
Close