Логори на смртта – злосторства што не смеат да се заборават
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе присуствува на одбележувањето на 80- годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор Аушвиц-Биркенау. Под големиот шатор поставен пред портата на поранешниот логор ќе пристигнат околу педесетина државни делегации од целиот свет, предводени од шефови на држави и влади, високи владини претставници, претставници на меѓународни организации. За значајноста на денешното сеќавање говори и фактот дека се акредитирани над 1.000 новинари од речиси 50 земји, а преносот од полската телевизија ќе биде емитуван во многу земји во светот.
Пред портите на поранешниот нацистички логор ќе биде поставен вагон како симбол на денешната комеморација. Околу 50 преживеани лица, кои биле транспортирани со такви вагони кон логорите на смртта, денеска ќе присуствуваат таму, а дел од нив и ќе ги споделат сведоштвата за страдањата.
Аушвиц е симбол на холокаустот и на злосторствата од Втората светска војна. Во 2005 година Обединетите нации го прогласија 27-ми јануари за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на холокаустот. До ослободувањето на околу 7 илјади затвореници од страна на војниците на Црвената армија, германските нацисти убиле околу 1,1 милион луѓе во Аушвиц, главно Евреи, но и Полјаци, Роми, советски воени затвореници и луѓе од други националности.
Како што соопштија од Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“, оваа годишнина ќе помине без говори на политичарите. Ќе говорат само преживеаните од логорот, бидејќи, тоа е можеби последната поголема комеморација на која тие ќе можат лично да сведочат.
Клубот на преживеани
Во предвечерјето на 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, 600 луѓе од целиот свет, вклучително и 17 преживеани, вчеравечер се собраа во Краков во организација на Светскиот еврејски конгрес. Дел од преживеаните ги споделија сеќавањата за настаните од пред 80 години. Еден од нив е Мајкл Борнштајн, кој имал само 4 години кога бил донесен во Аушвиц, каде биле убиени неговиот татко и брат. Преживеале тој и неговата мајка. По ослободувањето биле сместени во камп за раселени лица во Минхен, а потоа заминале во Њујорк, каде тој подоцна се оженил и имал четири деца. Седум од неговите дванаесет внуци вчера му се придружиле на собирот во Краков.
„Многу нешта се сменија откако бев овде пред пет години на 75-годишнината. Тогаш во салата имаше 120 преживеани, а сега има 17. Пред пет години, украинскиот претседател Володимир Зеленски седеше токму таму, на масата спроти нас. Сега неговата земја е во војна”, споредил Бројнштајн.
Тој (во коавторство со неговата ќерка Деби) во 2017 година ги објави мемоарите „Клуб на преживеани: Вистинската приказна за еден многу млад затвореник од Аушвиц“, во која се пренесени неговите сеќавањата за страдањата, надежта и опстанокот.
Негова изјава денеска стои на веб-страницата Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау: „Нема да биде лесно да се вратам во Аушвиц, 80 години откако бев ослободен. Оваа комеморација ќе биде последна од ваков вид. Ние ќе бидеме таму. Дали ќе застанете со нас?”
Изјавата се однесува на фактот дека последните преживеани од Аушвиц веројатно нема да го дочекаат одбележувањето на 90-годишнината од ослободувањето на тој нацистички логор. Како што соопштија организаторите, денеска околу педесет преживеани ќе присуствуваат на официјалната церемонија, во споредба со 300 пред една деценија. Бронштајн се надева дека понатаму нивните потомци ќе го крепат сеќавањето и предупредувањето за злосторства што не смеат да се повторат.
Наама Леви се врати дома
На синоќешниот собир во Карков доминантна била уште една тема: подемот на антисемитизмот низ светот по нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година, во кој околу 1.200 луѓе беа убиени во Израел, а 251 беа земени како заложници.
Една од заложниците беше и 20-годишната Израелка, Наама Леви, со македонско потекло, која со размена на заробеници беше ослободена и вчера се врати во Израел по 477 денови поминати во заробеништво. На видеото што го објави израелската армија, се гледа Наама како испишува порака „конечно дома“.
За неа македонската јавноста дозна кога Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, која има македонско потекло и беше вклучена во напорите за ослободување на девојката, за Гласот на Америка на македонски јазик потврди дека Наама има македонско потекло. Беше упатено и барање до Еврејската заедница во Македонија да се потврди нејзиното македонско потекло што го има од нејзината чукунбаба. Нејзината пра-прабаба Грациа Бивас била родена во Македонија во 1893 година, во семејството на Хаим и Сара Бивас. Таа околу 1900 година заминала во Израел, каде основала семејство. Младата Наама Леви била една од нејзините потомци.
Видео објавено на социјалните мрежи, на кое се гледаше малтретирањето на тогаш заробената Наама Леви, предизвика големо вознемирување во домашната јавност. За Еврејската заедница во Македонија нејзиното ослободување доби и големо симболично значење, бидејќи се случи во предвечерјето на одбележувањето 80 години од ослободувањето на Аушвиц.