Локален див запад

Доблесна држава, као впрочем и доблесен поединец, ги признава грешките. Главниот шведски епидемиолог и противник на сите рестрикции во таа држава како мерка за борба против пандемијата – во којашто, патем, досега има 4.400 жртви – сега признава дека згрешиле, тој и државата. Ние – не сме такви. Кај нас никој ништо не признава!

Ама затоа, драмата со паднатата држава добива и втор чин. Би рекол несакан, особено од нас граѓаните, зашто како дури сега да добиваме сознанија што и како размислувал врвот на извршната власт за време на кризата, кои и какви морски теории се развивале, како така одлесно се бранат неодбранливи „тези“ за едно современо и демократско општество. Што е уште пострашно, очигледно е дека никој не размислува кон што водат тие и такви „тези“, што тоа значи за државата утре и нема ли некоја будала да се повикува на тие и такви „принципи“ востановени од некоја претходна власт, итн.? (А впрочем, и фактот што никој на ова не реагира говори сам за себе!).

Зашто, кога ги слушате (нај)високите претставници на власта што и како говорат за ситуацијата со пандемијата во државава, како тие мислат понатаму да го решаваат проблемот, просто останувате без зборови, останувате стаписани пред сознанието дека сето ова било чиста импровизација, играрија на луѓе кои појма немале што и како прават и што и како да прават. Следствено, ние сериозно треба да бидеме среќни што сме живи, да си благодариме себеси или на случајот што сме поштедени, а да се проколнуваме што сме верувале во некаква држава, во некакви авторитети, во некаков систем… ? Основната „теза“ којашто сега ни ја нуди државата е дека колективните мерки, особено рестриктивните во ова невреме, не можат да ги заменат индивидуалните, дека и досегашните рестриктивни мерки токму заради тоа не давале резултат, дека секој треба да се грижи за себеси, дека ова и дека она… што ќе рече дека кај нас сега, наместо сериозна битка со остатоците од пендимијата кои тврдоглаво се шират зашто нема кој да ги сопре се воведува некаков локален „Див Запад“ во стилот „одбрани се сам“. И во тоа и такво ново опкружување – дали е тоа „новата нормалност“? – секој ќе треба да си ја земе судбината во свои раце (ако се измиени, се разбира), да се штити себеси, семејството и домот зашто тоа не била работа на државата, ако треба (веројатно) тоа да го прави и со оружје (ако го има, ако не – нае*ал, да простите), нема да ја имаме ни таа шанса некој полуписмен шериф барем да глуми дека воспоставува некаков ред… Не можете некого да научите да мие раце, да се штити себеси, ни вели вицепремиерот Османи. Малку попаметните велат дека можете, ама тоа сте требале да го направите уште во детството, во семејството, во основното училиште…, но можете и сега, преку постојани, континуирани образовно-пропагандни обраќања низ медиумите, што ние/тие воопшто не го правеа. Не е јасно за што сега им се дадоа онолкави пари на медиумите коишто на овој план не направија – ништо. Но, никој тоа не го ни бараше од нив! Ама, затоа, вели г-динот Османи, манипуланти ни ја киднапирале свеста на граѓаните со лажни вести и тоа, замислете, бил најголемиот пропуст на власта во овој период (sic!). Којшто таа дури сега го согледува. Ама повторно ништо не превзема на овој план. Односно – ќе превземе, поточно партиите (sic!) биле тие што сега можеле да завршат голема работа, па следствено партиски претставници ќе шетаат по градовите и селата и ќе ги убедуваат луѓето дека навистина имаме проблем со некаковси вирус! Шлаг на тортата? Апсолутно! Да се крстиме во партиите, во нивните функционери? Неверојатно!

Има ли вистина во овие и вакви „тези“, макар и мала? Можеби и има, се разбира, зашто никој не може да ве заштити од себеси: никаква полиција, никакви мерки, никакви рестрикции. Ако поединецот е решителен во некоја негова намера, колку и да е таа налудничава, безмалу нема сила што би можела да го сопре. Ама, секогаш има едно ама, а во случајов тоа е едно гооолемо ама: тезата за индивидуалната одговорност наспроти колективните мерки никако не може да се однесува на случаи како што е една опасна пандемија, како што не може да се однесува ниту за случаи на елементарни катастрофи, на војна и слично! Индивидуалната одговорност функционира за индивидуални случаи, а не за колективни епидемии/пандемии; индивидуата е одговорна за своите постапки но за заштитата на редот, мирот и здравјето на граѓаните е одговорна државата! Кој тое денес заговара поинаков ред на нештата, и зошто? За да сокрие лична и групна одговорност, за да не’ направи сите одговорни и да се сокрие зад нас? Каква е впрочем мојата одговорност за најновиот развој на настаните, или сега ние кои немаме и не чувствуваме таква одговорност треба да тргнеме да се пресметаме со оние за кои мислиме дека се одговорни? И кои се тие, како ќе ги препознаеме? А и ако ги препознаеме, што треба да им направиме? Ја разбира ли власта екстремната опасност на оваа и ваквите тези што се пласираат во јавноста?

Да беше валидна оваа морска теза, на државата/општеството не ќе му беа потребни закони, не ќе му беа потребни безбедносни сили односно сили на редот, туку секој сам ќе си ја превземаше таа улога, како на некогашниот американски „Див Запад“. Тоа што некој и оваа ситуација ја посматра така, тоа е негова приватна работа, но никако не смее тоа да се трансформира во државна стратегија! Која и каква тогаш би била улогата на државата и зошто таа би ни била потребна во вакво време? Згора на тоа, што во една таква ситуација би правела целата онаа државна власт дебело плаќана со години од парите на граѓаните кои, ете, сега треба самите да се грижат за себе? Ако оваа власт сега во Македонија заговара етаблирање на некаков нов локален „Див Запад“, тоа требала да го каже многу, многу порано. Ако сега секој треба да биде свој полицаец, па свој лекар… е па ајде нека биде и свој учител/професор, свој обвинител и судија, ајде нека си биде и свој даночник… зошто ни се тогаш државни институции (Собрание, Влада, министерства), зошто на државата да и’ плаќаме даноци… ? Свесна ли е власта во кои и какви екстреми ја водат ваквите „размислувања“?

П.С.

Ама циркусот да биде поголем, гледајте какви сега мерки воведува власта! Па нели самите ќе се грижиме за себеси?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close