Локални игри со името – исклучок, пркос или…?

Од софиски универзитетски кругови доаѓаат први проценки дека евентуалната промена на власта во РСМ може да доведе до реприза на деценијата на Груевски во поблага форма.

Ако дојде до промена на власта во РСМ, ќе има повторување на управувањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат, но во поомекната форма и со оддалечување на РСМ од евроинтеграциските процеси, оцени за „Радио Фокус” Наум Кајчев, потпретседател на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, поранешен генерален конзул на Бугарија во Битола и раководител на катедрата „Историја на Византија и балканските народи“ на софискиот универзитет.

„Треба уште еден пат да биде изоден, за да ја видиме разврската на таа криза. Има три варијанти: Зоран Заев да ја повлече оставката, да се продолжи со иден кабинет раководен од СДСМ, и трета варијанта – да се оди на предвремени избори. Ако дојде до промена на власта во РСМ, ќе имаме повторување на управувањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат, но во поомекната форма и со оддалечување на РСМ од евроинтеграциските процеси. Таквата перспектива би била неблагопријатна пред сѐ за РСМ, но во крајна сметка нејзината иднина е во рацете на нејзините граѓани. Тие треба да решат дали сакаат да ја прифатат својата европска иднина или сакаат да прифатат други патишта, кои во делови на Европа се предлагаат од земји како Босна и Херцеговина и Белорусија“, изјави Кајчев.

Тој потенцирал дека основата на односите меѓу Бугарија и РСМ е поставена во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, каде има формули според кои може да се оди напред, а прашање е дали властите во РСМ го сакаат тоа. Според негова оценка, следните месеци ќе бидат сложени за РСМ, но без катараза и преосмислување на односот кон Бугарија, земјата тешко може да оди напред.

Неизвесност по оставката на Зоран Заев од премиерската функција
Неизвесност по оставката на Зоран Заев од премиерската функција

Се враќа името… 

Регионални медиуми, пак, потсетуваат дека токму бугарското вето и неможноста на официјален Брисел да испрати појасен сигнал за иднината на Северна Македонија во ЕУ, одиграла голема улога во намалувањето на довербата кон владејачките партии поради неисполнети интеграциски ветувања, и покрај нивната максимална посветност на европската агенда, особено по огромната инвестиција на тој пат со решавање на тридеценискиот спор со Грција преку Преспанскиот договор.

За да дадат потврда на ваквите забелешки, се потрудија токму победниците на локалните избори. На вчерашната конститутивна седница на Советот на Општина Штип, 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден на Левица ги потпишале уверенија под името „Република Македонија“. Маријана Рогожарска-Поповска, советничка од СДСМ истакнала дека не треба да се оди против Уставот и побарала правно толкување од службите. Откако мнозинството им го одбило барањето, деветмината советници од опозициската СДСМ ја напуштиле седницата. Освен во Штип, под името „Република Македонија“ и советници на Левица се потпишале во Советот на Општина Аеродром, соопштија од партијата. Ваквиот потег наиде на бројни пофалби од нивните поддржувачи, но и на предупредувања дека тоа ќе води кон отворање непотребни проблеми со Грција, земја која е силен поддржувач на македонската интеграција во ЕУ.

Меѓу пркос и коалициски услов 

Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека одговор за случајот во Штип треба да се бара во Општинската изборна комисија, но покажа разбирање за постапката на советниците.

„За ова разбрав од медиумите, не знам што точно се случило. Од тоа што имав прилика да го прочитам, уверенијата биле така напишани. Ако е така, мислам дека одговорноста треба да се види во општинската изборна комисија, бидејќи од она што ми е мене познато, градоначалникот не е тој што ги дава уверенијата на советниците. Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Од друга страна, како на некој што му пречи придавката, ги разбирам зошто останале и зошто го направиле тоа што го направиле. Не гледам на тоа како на нешто на кое што треба да му се дава преголемо значење, ниту да му се посветува внимание“, рече Јанушев во гостување на ТВ „24“.

Одговорајќи на прашањето – под кое име градоначалниците во иднина ќе потпишуваат договори за соработка со колеги од Грција, Бугарија или за користење европски фондови, Јанушев изјави дека ќе потпишуваат документи на кои сигурно ќе биде присутна придавката (Северна -н.з.).

 ВМРО-ДПМНЕ вели дека до почитува Преспанскиот договорВМРО-ДПМНЕ вели дека до почитува Преспанскиот договор

„Но, ќе има веројатно и шанса каде што ќе може да покажат и некој вид на пркос, и претпоставувам дека секој оној што мисли дека тоа треба да го направи – ќе го направи. Не гледам ништо лошо во тоа“, изјави Јанушев.

Новоизбраниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, во контекст на најавата дека опозициските партии од вчера започнале формални преговори за ново мнозинство, објасни и кој е условот за тоа.

„Имаме наши услови. Сме разговарале со Мицкоски. Мицкоски нема забелешки за тоа. Преспанскиот договор мора да се почитува. Наш главен услов е интеграција на Македонија во ЕУ, и Преспанскиот договор секако“, рече Таравари на ТВ „21“.

Тој истакна дека ако не успеат да создадат ново мнозинство, тогаш ќе се оди на нови парламентарни избори, а како можен термин го спомена октомври наредната година.

извор: ДВ

Back to top button
Close