Локални избори во јужен Либан
Околу 500.000 Либанци денеска гласаат на локалните избори во јужен Либан. Тоа е четвртиот и последен административен регион во кој се спроведуваат избори од 4 мај.
Изборите, кои се тест за Хезболах, се одржуваат под засилени безбедносни мерки. Хезболах, кој е во сојуз со шиитската партија Амал на претседателот на либанскиот Парламент, Набих Бери, се очекува да победи на локалните избори.
Јужен Либан е главно бојно поле помеѓу Хезболах и Израел од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година. Еден ден по нападот на Хамас врз Израел, Хезболах го нападна Израел, кој одговори со воздушни напади. Во војната помеѓу Израел и Хезболах загинаа 4.000 луѓе во Либан и над 80 војници и 47 цивили во Израел. Либанската Влада е под притисок да го одржува кревкото примирје помеѓу Израел и Хезболах, кое е во сила од крајот на ноември. Но и покрај примирјето, израелски авиони пред два дена нападнаа цели во јужен Либан.
Локалните избори во Либан требаше да се одржат во 2022 година, но беа пролонгирани поради економската криза, големата експлозија во пристаништето во главниот град Бејрут и административните проблеми.