Лондон ја врати контролата, Брисел е во шекспировска слатка тага и оди напред

Седум дена пред да го напушти еден од најголемите трговски блокови, Велика Британија склучи трговски договор со Европската унија, договаран четири години. Тој развод се случува откако на референдум Британците гласаа со мало мнозинство дека ќе ја напуштат ЕУ по 47 години дружба.

За дел од аналитичари – со тоа се расклатува европското единство што почна со првиот камен на европската конструкција поставен на 9 мај 1950 година од страна на Роберт Шуман, француски министер за надворешни работи, предлагајќи и на Германија, само пет години по нејзината капитулација во Втората светска војна, да го интегрира француското и германското производство на јаглен и челик во организација отворена за сите европски земји.

Со новиот догвоор достапот на Лондон ќе има нула тарифи и нула квоти до единствениот пазар на ЕУ од 450 милиони потрошувачи, но нема да спречи економски проблеми и нарушувања за Велика Британија или земјите-членки на ЕУ.

Многу аспекти на идните односи на Велика Британија со ЕУ допрва треба да се расчистат, веројатно со години.

„Ја вративме контролата“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон пред новинарите откако објави фотографија на Твитер на која тој ги крева двете раце во знак на триумф.

„Луѓето рекоа дека е невозможно, но ние ја вративме контролата“.

Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, но оттогаш е во период на транзиција, со правилата за трговија, патувања и деловни активности да останат непроменети до крајот на оваа година. Џонсон, лицето на кампањата за брегзит, рече дека бидејќи 52 отсто гласале за напуштање на ЕУ, тој не сака да ги прифати правилата на неговиот единствен пазар или царинската унија по 1 јануари.

ЕУ не сакаше да и даде неограничени привилегии на дерегулирана британска економија надвор од блокот и на тој начин потенцијално да ги охрабри другите да заминат – што резултираше со болни преговори.

„Патот беше долг“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, цитирајќи ја песната на Пол Макартни. „Но, имаме прилично добра зделка … Конечно можеме да го оставиме брегзит зад себе и да погледнеме во иднината. Сега Европа оди напред“.

Џонсон го оквалификува договорот како „огромен“ договор за слободна трговија сличен на оној меѓу Европската унија и Канада и ја повика Велика Британија да ја надмине поделбата предизвикана од референдумот во 2016 година.

Договорот исто така ќе го поддржи мирот во Северна Ирска.

Членот на ЕУ, Ирска, рече дека договорот, кој според веб-страницата на Комисијата ќе биде објавен наскоро, ги штити нејзините интереси, како и што можеше да се надева. Но, голем дел од деталите допрва треба да се разработат.

Трговскиот пакт нема да ги опфати услугите што сочинуваат 80 отсто од британската економија, вклучително и банкарската индустрија, која го позиционира Лондон како единствен финансиски капитал што му конкурира на Њујорк. Пристапот до пазарот на ЕУ за банки со седиште во Велика Британија, осигурителни компании и менаџери на средства ќе биде нееднаков во најдобар случај.

Џеј Пи Морган соопштија дека ЕУ има обезбедено договор што и овозможува да ги задржи скоро сите свои трговски придобивки со Велика Британија, но со можноста да ги користи регулативите за „избор“ меѓу секторите во кои Велика Британија има предности – како што се услугите.

„Единството и силата на Европа се исплатеа“, рече францускиот претседател Емануел Макрон. „Договорот со Велика Британија е од суштинско значење за да ги заштитиме нашите граѓани, нашите рибари, нашите производители“.

Поборникот за брегзит, Најџел Фараж, рече дека договорот ќе ја задржи Британија премногу тесно поврзана со ЕУ, додавајќи дека се надева дека „тоа ќе биде почеток на крајот на блокот“.

Дури и со зделка, трговијата со стоки ќе има повеќе правила, поголема бирократија и повеќе трошоци. Ќе има нарушување во пристаништата. Ќе се промени се, од регулативата за безбедност на храната и правилата за извоз до сертификација на производ.

Претставник на американскиот Стејт департмент го поздрави договорот и рече дека Вашингтон сака добри односи со Велика Британија и ЕУ.

Кога Велика Британија го шокираше светот гласајќи за напуштање на ЕУ, многумина во Европа се надеваа дека ќе останат тесно поврзани.

Фон дер Лајен, цитирајќи го Шекспир, рече дека „разделбата е толку слатка тага“.

ЕУ ја губи својата главна воена и разузнавачка моќ, 15 отсто од БДП, еден од двете најдобри финансиски метрополи во светот и шампион на слободен пазар, што беше важен коректив на амбициите на Германија и Франција.

Без колективната моќ на ЕУ, Лондон ќе остане во голема мера независен – и многу повеќе зависи од САД – во преговорите со Кина, Русија и Индија. Ќе има поголема автономија, но ќе биде посиромашна, барем на краток рок.

Банката на Англија соопшти дека дури и со трговски договор, британскиот бруто домашен производ веројатно ќе претрпи удар од еден отѕсто од брегзит во првиот квартал на 2021 година додека британските експерти рекоа дека економијата ќе биде помала за четири отсто во текот на 15 години. отколку што ќе беше ако Велика Британија останеше во блокот.

Трговскиот договор по брегзит има потреба од одобрување и од Европскиот парламент и од 27-те земји-членки на ЕУ. Амбасадорите на ЕУ започнуваат со преглед на договорот.

Британскиот парламент, поделен околу брегзит, ќе расправа и ќе гласа за договорот на 30 декември, само еден ден пред крајот на преодниот рок.

Амбасадорите на ЕУ се собраа на Божиќ за да започнат со проценка на договорот за слободна трговија на блокот со Велика Британија. Земјите од ЕУ веќе покажаа поддршка за исходот и се очекуваше дека тие едногласно ќе го поддржат договорот, што е предуслов за негово законско одобрување.

Навременото одобрување на зделката е од суштинско значење, бидејќи преодниот рок истекува на новогодишната ноќ.

Двете страни сега тврдат дека договорот на 2.000 страници ги штити нивните цели.

Back to top button
Close