Лондон разгледува воведување данок за електрични возила

Британската Влада, која бара дополнителни приходи три недели пред претставувањето на буџетот, разгледува воведување данок за електрични возила со цел праведно финансирање на патната инфраструктура во споредба со бензинските и дизел автомобилите, соопшти денеска владата.
– Данокот на гориво се наплаќа за бензин и дизел, но не постои еквивалент за електрични возила. Сакаме поправеден систем за сите возачи, рече портпарол на британската влада.
Тој додаде дека е правилно да се воспостави даночен систем кој праведно ги финансира патиштата, инфраструктурата и јавните услуги.
Според Дејли Телеграф, британската министерка за финансии Рејчел Ривс, која ќе го претстави буџетот на 26 ноември, разгледува наплата од 3 пени (околу 3,5 евроценти) за секоја милја (1,6 километри) возење со електрично возило.
Шемата би била воведена во 2028 година по завршување на процесот на консултации, би чинела просечно 250 фунти годишно по возач и би генерирала 1,8 милијарди фунти годишно до почетокот на 2030-тите, според пишувањето на весникот.
– Воведување на толку сложен и скап систем, особено насочен кон возила за кои производителите веќе имаат проблеми со продажбата, би било стратешка грешка, оцени Сојузот на трговци (СММТ), кој ја претставува британската автомобилска индустрија.
Сојузот смета дека тоа би ги обесхрабрило потрошувачите и би имало последици врз перцепцијата на Велика Британија како место за инвестиции.
Исланд и Нов Зеланд веќе воведоа наплата по километар за електрични возила.
Канцеларијата за буџетска одговорност, британскиот надзорен орган за јавни финансии, проценува дека даноците на гориво ќе генерираат 24,4 милијарди фунти во 2025/2026 година, што претставува околу два проценти од државните приходи.
Ривс, која веќе го зголеми данокот оваа година, особено за компаниите, додека драстично ја намали потрошувачката, е под притисок да ги израмни јавните сметки без да го задуши забавениот раст.






