Лондон со порака до ЕУ: Договорот за Брегзит нема да трае вечно
– Британскиот министер за претпримништво, Кваси Квартенг, денеска изјави дека Европската унија е нефлексибилна во однос на новите преговори за делот на договорот за Брегзит во врска со Северна Ирска, предупредувајќи го Брисел дека тоа не е договор што ќе трае вечно.
-Договорот е договор, но не е нешто што ќе трае вечно, изјави Квартенг за „Скај“. „Беше флексибилен и сакаме да функционира полесно“, додаде тој.
Според Квартенг, тие можеле да го суспендираат членот 16 од договорот, но решиле да не го прават тоа.
-Ова не е нашата почетна позиција и сакаме да можеме да преговараме и да разговараме со ЕУ за тоа како најдобро да се оди напред, кажа британскиот министер за претприемништво.
Лондон во средата побара од ЕУ да го смени протоколот за Северна Ирска само една година откако беше договорен.
ЕУ веднаш го отфрли таквото барање, велејќи дека Велика Британија треба да ги почитува меѓународните обврски. Брисел посочи на фактот дека за протоколот преговарал британскиот премиер Борис Џонсон.
Протоколот беше клучен дел од решението за Брегзит, поддржан од Џонсон. Протоколот ја остави Северна Ирска во рамките на единствениот европски пазар за стоки, но мора да се извршат контроли врз стоките што го преминуваат Ирското Море.
Компаниите во Северна Ирска велат дека тоа и штети на трговијата, а северноирските синдикалци протестираа против слабеењето на врските со остатокот од Велика Британија.