Лорд Стјуарт Пич: Коридорот 8 е од стратешка важност, му овозможува на НАТО побрзо да се движи

Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, високо ја оцени соработката со албанските вооружени сили во рамки на воената вежба „Austere Wolf – 24“, оценувајќи ја оваа активност како фактор за зајакнување на мерките за зголемување на безбедноста во регионот и пошироко, објави АТА.

Говорејќи на настанот DVDay (Distinguished Visitors Day)- Денот на високите гости на заедничката воена вежба меѓу албанските и британските трупи, рекол дека „со војната што се случува во Украина, важно е да се потсетиме на важноста на безбедноста во Европа“.

-Ова изгледа како мала активност, бидејќи разбрав дека дел од албанската војска ќе оди во Газа, така што со овие посебни капацитети што ги имаме во нашата и во вашата земја, мора да соработуваме за да ја разбереме географијата на нашиот континент – нагласил Пич.

Се задржал и на „стратешкото значење на Коридорот 8“, кој ги поврзува патиштата, пристаништата, инфраструктурата и, како што рекол, е многу важен бидејќи ѝ овозможува на Алијансата побрзо движење.

-Соработуваме со албанските воени сили 100 години, тоа е долга историја на соработка и среќни сме што гледаме кадети Албанци кои добиваат дипломи во Велика Британија и продолжуваме да работиме заедно со сè што не обединува. Како поранешен шеф на комитетот во НАТО, ќе нагласам дека работиме заедно во повеќе насоки. Веќе нема доктринални граници и сè е под чадорот на зборот одбрана, изјавил Пич.

Најавил дека во рамки на вежбата, воените сили ќе се движат кон Северна Македонија, а потоа кон Косово.

Началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-мајор Арбен Кинѓи изјавил дека развојот на пристанишните капацитети на Албанија ќе се решава преку инвестирање во новото пристаниште Порто Романо, кај Драч.

-Со оглед на капацитетите и протокот на сообраќај што ги нуди Коридорот 8, евидентна е потребата од развој на пристанишните капацитети, што ќе се реши преку инвестицијата во новото пристаниште Порто Романо. Ова пристаниште ќе нуди капацитети за истоварување и сместување на единици до ниво на бригада и услуги за одржување, снабдување и складирање, најавил Кинѓи, наведува АТА.

Според него „можностите што ги нуди ова пристаниште се засилени од обновената воздухопловна база Кучово, која ќе служи како центар за распоредување, обука и активности на нашите воздушни сили, како и поддршка на операциите и вежбите на НАТО“.

Back to top button
Close