Лорковски: Северна Македонија има умерен напредок во 2024 година и е во средината на групата на земји договорни странки со ЕЗ

Северна Македонија во моментов е некаде на средина во групата на земји од Енергетската заедница (ЕЗ) и всушност е во средина и кога станува збор за транспонирањето и спроведувањето на законодавството. Веќе го имате усвоено речиси половина од она што е суштина на законодавството на ЕЗ, оцени директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, при денешната презентација на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Северна Македонија за 2024 година пред членовите на собраниските комисии за економски прашања, труд и енергетска политика, и за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.

Во извештајот, додаде, гледаме умерен напредок во 2024 година, и дека сте во средина на групата на земјите кои се договорни страни со ЕЗ со одредени предизвици. Најитно прашање е усвојувањето на Пакетот за електрична интеграција што е важно за Планот на раст и за вашите перспективи за станување член на пазарот на електрична енергија на ЕУ од 2027 година. Очекуваме набрзо да биде доставен и закон за обновливи извори на енергија (ОИЕ) до Собранието и да се пополни јазот на неусогласеност до РЕД 2 Директивата. Воедно очекуваме да се вклучиме во поедноставувањето на процедурите за добивање на дозволи во вашата земја за да ви помогнеме во процесот на оценување на влијанието врз животната средина и да се елиминираат сите конфликти кои би можеле да се случат на тоа поле.

-Достигнувањата на Северна Македонија се одвиваат рамномерно со делумна негативна тенденција. Имате мала надолна траекторија кога станува збор за имплементацијата на законодавството. Сепак сте една од водечките земји кога станува збор за користење на обновливи извори на енергија. Постигнат е и напредок во однос на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија, но иако е изготвено нацрт законодавството за електрична енергија не е усвоено, рече Лорковски во презентацијата на Извештајот.

Во делот на електричната енергија, како што кажа, е остварено многу во изминатите години, почнувајќи со раздвојувањето и сертификацијата на операторот за пренос на електрична енергија МЕПСО, прелиминарно е назначен НЕМО – операторот за електропреносниот систем со што земјава ја има соодветната архитектура потребна за пазарот на електрична енергија. Забележана е и намалена зависност од увоз на електрична енергија од надвор што значи дека повеќе пари се задржуваат во земјата.

-Потребно е овој пазар кој веќе го воспоставивте да се интегрира со другите пазари на електрична енергија во соседните земји, вклучувајќи ги и земјите на ЕУ. Рокот за усвојување на законодавството кое би ви овозможило да биде интегрирани во пазарите на соседните земји истече во 2023 година, но се надеваме дека набрзо ќе биде усвоено законодавството кое го транспонира пакетот за електрична енергија од Владата и очекуваме на почетокот на пролетта во 2025 година да биде усвоено од Собранието, рече Лорковски.

Тоа, како што посочи, е важно зашто земјава е обврзана согласно правилата на ЕЗ, но и да се приложи законското решение како дел од Планот за раст со што би биле достапни средства од ЕУ под чадорот на Планот за раст. Покрај тоа е неопходно за вклучување на проектот за спојување на пазарите во регионот со пазарот на ЕУ.

-Рокот за поднесување на овој закон за верификација е пролетта оваа година. Доколку не успеете да го усвоите овој закон до март или април ќе го пропуштите прозорецот на можност што го отвора ЕУ за спојување со пазарот на ЕУ. Со тоа ќе го пропуштите и рокот за приклучување на пазарот на електрична енергија на ЕУ на почетокот на 2027 година за една година со што ќе се влоши вашата стратешка положба и ќе има последици за стабилноста на инвестициите, рече Лорковски.

Мојата заложба, додаде, е да ве поттикнам да работите на нацрт законот, да биде завршен и да биде усвоен, зашто станува збор за многу потребен и суштински закон за интеграцијата на вашиот пазар на електрична енергија со оној ЕУ, но и воопшто за интеграција на земјата во ЕУ, што е возможно побрзо.

-Сметаме дека проектот на пазарот на електрична енергија во Југоисточна Европа може да претставува поттик и за пазарните оператори и за операторите за пренос на електрична енергија. Овие процеси може да имаат и ќе имаат влијание на цените на електричната енергија, посочи Лорковски.

За секторот на природен гас во земјава рече дека има значителен напредок во 2024 година.

-Сертификацијата на НОМАГС е во целосна согласност со Третиот енергетски пакет на ЕЗ што беше овозможено откако беа донесени одредени одлуки за менување на сопственоста на оваа компанија. Сепак, се уште се работи интерконекторот со Грција и веруваме дека ќе заврши што побрзо, но треба да се одвива паралелно со соодветна регулаторна рамка неопходна за идната работа. Неопходно е да се изработат мрежните правила за механизми за доделување на капацитети за земјата исто како и за интерконекторот со Бугарија кој веќе се користи. Потребно е да имате исти мрежни правила со Европската Унија за да се овозможи повеќе простор за тргување и за безбедност, рече Лорковски.

Како што кажа, се забележува намалување на цените на природниот гас особено во индустријата, но се уште има простор за напредок во употребата на гас во однос на безбедноста на доставувањето на гас.

Напредок е забележан и кај мрежата за сајбер безбедност, но, додаде, сакаме овие правила да се усогласат колку што е можно со правото на ЕУ, вклучувајќи ја и можноста да се имаа и реципроцитет за да може да се применуваат и во земјите кои се договорни страни во ЕЗ.

Лорковски оцени дека има одреден напредок и во однос на стоковите резерви на нафта кои покриваат повеќе од 50 дена од потребите, а обврската е да покриваат 90 дена. -Очекуваме тоа да биде подобрено, рече Лорковски.

Некаков напредок, како што рече, има и во делот на декарбонизација на енергетскиот сектор.

-Сега сме во процес на ажурирање на Националниот план за енергија и климатски промени во согласност со новите цели кои беа усвоени во ЕЗ во 2022 година. За тоа да се случи потребно е да имаме соодветно стратешко оценување на животната средина и состојбата со животната средина. Очекуваме МЖСПП да даде информации што претпочитате. Се уште чекаме Владата да достави нацрт на закон за оваа област што би можело Собранието да ги усвои, потенцира Лорковски.

Истакна дека Директивата за енергетската ефикасност на зградите веќе е имплементирана на национално ниво, но посочи дека се уште во процедура, а Директивата за енергетски карактеристики е веќе транспонирана.

-Стратешката проценка на влијанието врз животна средина би требало соодветно да биде имплементирана врз основа на законот кој веќе е транспониран. Се работи за прашање на користење на законот кој веќе е воспоставен. Постои прашањето на Директивата за проценка на влијанието на животната средина, каде се уште постојат прашања кои не се решени. Поради тоа отпочнавме постапки за утврдување на неусогласеноста, рече Лорковски и додаде дека тоа може да има значително влијание за некои стратешки проекти што се во земјата.

Без да се има соодветен систем за оценка на влијанието врз животната средина, посочи, проектите би можеле да бидат поткопани.

-Ме згрижува и прашањето на емисиите на СО2, прашината, ЅО2. Плафоните што се воспоставени согласно законодавството на ЕУ постојано се надминуваат во земјата. Тоа можете да го видите кога ќе излезете надвор. Ова е поврзано делумно со производството на електрична енергија и употребата на лигнитот, бидејќи четири од осумте капацитети кои најмногу загадуваат произведуваат електрична енергија од лигнит. Равенката која претставува најголем предизвик е лигнитот да се замени со ОИЕ, рече Лорковски.

Тој ја пофали работата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

-РКЕ има законодавство кое е ограничено во однос на компетенциите и затоа усвојувањето на Пакетот на електрична енергија е неопходно за Регулаторот да може во својот арсенал да ги поседува соодветните овластувања за да може да се справи со предизвикот за вклучување во пазарот на ЕУ за електрична енергија, порача Лорковски.

Како проблематична ја оцени одлуката за разрешување на двајца членови на РКЕ, бидејќи, како што рече, можеби ја поткопа независноста на Регулаторот.

-Разрешувањето внимателно се набљудува од Секретаријатот на ЕЗ и очекуваме Владата да ни даде образложение за таквото разрешување, потенцира Лорковски.

Од името на сите пратеници се обрати Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека сака да го увери Лорковски дека Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Собранието во најбрз можен рок и со највисок можен приоритет ќе пристапат во носењето на неопходните законски решенија.

-Во наш интерес е што е можно побрзо да се приближиме до европските стандарди, рече Стојаноски.

Back to top button
Close