Лош ден на Џафери, а неизвесен за „премиерот Албанец“

Заев денеска ќе го добие мандатот за состав на Влада, но односот на претседавачот на парламентот кон тој чин, отвори многу прашања за намерите и потенцијалното партнерство со ДУИ.

    

Што носи денот не носи годината. Во стилот на оваа народна поговорка, денешниот 13-ти август  може да стане клучен за крупни одлуки или за нови турбуленции. Разговорите меѓу СДСМ и ДУИ за состав на нова влада кои досега се држеа во голема дискреција, претседавачот со парламентот, Талат Џафери, вчера реши да ги тестира или да им изврши притисок на јавна сцена. По соопштението од Кабинетот на шефот на државата, дека претседателот Стево Пендаровски денеска во 12 часот ќе му го довери мандатот за состав на Владата на лидерот на СДСМ и пратеник Зоран Заев, Џафери најави дека веднаш им дал налог на собраниските служби да почнат подготовки за одржување на денешно заседание во 15 часот, на кое ќе се избира претседател на Собранието.

„Од медиумите дознав дека Пендаровски ќе му го додели мандатот на Заев, што според Уставот значи дека Заев има мнозинство и дека е подготвен за избор на претседател на Собранието со што ќе заврши и официјално конститутивната седница, и Собранието ќе биде конституирано. Затоа им дадов насоки на собраниските служби за утре да подготват продолжение на конститутивната седница“, изјави Џафери за ТВ24.

Правна „конзистентност“

Претседавачот со парламентот не остана само на тоа. Тој потенцираше дека Пендаровски ќе направи уставна повреда доколку го додели мандатот, без притоа да биде избран нов претседател на Собранието, со што ќе заврши неговото конституирање. Од Кабинетот на Пендаровски како одговор на овие и други тврдења, посочија документи во кои Стојан Андов во 2006 година и Трајко Вељаноски во 2016 година како претседавачи во претходниот парламентарен состав, го сметале Собранието за конституирано и без негов избран претседател.

Џафери вчера остана на ставот дека е неуставно претседателот да го додели мандатот на некого што нема обезбедено мнозинство во парламентот.

„Јас кажав дека е неуставно да се дава мандат без мнозинство во Собранието. Во член 90 став 1 се наведува дека треба да се рефлектира мнозинството во Собранието, па да се добие мандат. Тоа го кажува Уставот, не го кажувам јас. Без оглед на тоа дали е конституирано собранието или не. Еве, нека е и конституирано Собранието, тогаш кое е тоа мнозинство што заслужува утре да добие мандат и што ќе го добие мандатот. Каде му е мнозинството“, праша Џафери.

Овој став вчера го бранеа и правни експерти блиски на ВМРО-ДПМНЕ, кои пред три години имаа сосема друг правен аршин. Не сметаа дека е противуставен чинот, кога на 9-ти јануари 2017 година тогашниот претседател Ѓорге Иванов  му го врачи мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Груевски тогаш се уште немаше обезбедено мнозинство, а не успеа да го обезбеди ни во уставниот рок од 20 дена. На денот кога Груевски го доби мандатот за состав на владата, исто како и сега Собранието сѐ уште немаше избрано претседател.

Последен испит

Малата бура што ја предизвика Џафери, стивна пред јавноста да добие одговори – дали тоа е негов индивидуален потег, или дел од пошироко сценарио на ДУИ за притисок во разговорите. На календарот на веб -страницата на парламентот пишува дека „за денешниот ден нема закажано пленарни седници и седници на работни тела”, а партиски извори уште синоќа брифираа дека Џафери се откажал од намерата за седница, наводно по консултации со раководството на ДУИ.

Но, потегот на Џафери отвори многу прашања – какви се реално реалациите меѓу СДСМ и ДУИ, дали разговорите се водат за да се дојде до договор или за да не се договорат, имајќи го предвид инсистирањето на ДУИ за премиер Албанец, а наводно и за многу повеќе позиции во владиниот кабинет, како и на други раководни позиции.

Според извори од СДСМ, барањето за премиер Албанец ќе „реши“ дали ќе завршат со успех или ќе завршат разговорите со ДУИ, бидејќи партијата нема да прифаќа условувања. Фокусот го ставаат на денешното продолжение на разговорите. Според непотврдени информации, ако ДУИ не се откаже од тоа барање, разговорите може многу брзо да бидат завршени, и во прашање „не се денови, туку ден“, што имплицира дека потенцијалната коалиција СДСМ -ДУИ веќе денес/утре е можеби пред последен испит.

извор: ДВ

Back to top button
Close