Лоша епизода во значаен викенд

„Тоа беше прашање на долг и на родова меморија. Филип Димитров често ги цитира зборовите на тогашниот амбасадор на Обединетото Кралство во Бугарија: ‘Ако ја признаете Македонија – нема да ве поддржиме, ако не ја признаете – нема ве разбереме’. Неколку луѓе во тогашната влада беа против. Министерот за надворешни работи Стојан Ганев не беше во земјата, но беше крајно негативно настроен кон признавањето на Македонија. И, исто така, таканаречените Големи сили. Или барем нивните дипломати во Софија. Но такви се дипломатите, се плашат од бурни настани. А уште немаа јасни инструкции од нивните престолнини. Во основа, тројца од нас одлучивме. И кога Филип го постави ова прашање на дискусија, двајца од министрите – Никола Василев за здравство и Иван Костов за финансии, како и крајно почитуваниот шеф на кабинетот на владата, Константин Муховски, исто така беа категорично за признавање. Ако добро се сеќавам и министерот (за правосудство -н.з.) Лучников. Соколов (министерот за внатрешни работи- н.з.) се двоумеше. Но во историјата со право тоа треба да биде припишано како како огромно достигнување на Филип Димитров“, вели Мишев.

Поранешниот бугарски премиер Филип Димитров, кој беше на чело на владата во Софија во периодот кога земјата ја призна независноста на Македонија
Поранешниот бугарски премиер Филип Димитров, кој беше на чело на владата во Софија во периодот кога земјата ја призна независноста на МакедонијаФотографија: BGNES

Заслугите му припаѓаат и на тогашниот, прв некомунистички  претседател на Бугарија, Жељу Желев со мандат од 1990 до 1997 година, кој многу силно се залагал за признавање на македонската независност.

„Имаше тогаш неколку видови размислувања – да не се помисли дека имаме претензии кон Македонија, ниту пак дека сме зависни од одлуката на Западот“, наведе во едно интервју Желев.

Маргиналци од парламент(и)

Триесет и една година подоцна, првата заложба за која говори Желев, по којзнае кој пат е компромитирана со поинакви изјави, а датумот вреден за градење позитивни односи меѓу двете земји, падна во нивна сенка. Причина за тоа беа пораките што бугарски политичари ги испратија од Скопје за време на завчерашното чествување на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева на Кејот на Вардар. По реакциите во македонската јавност, МНР вчера побара официјална Софија да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Северна Македонија и сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји.

„Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Република Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави“, беше наведено во соопштението од македонското МНР.

Иако македонското МНР говори за изјави на маргинални политички фигури, дали тие може да се се сметаат за маргинални? Едниот, Ангел Џамбаски е копретседател на вонпарламентарната партија ВМРО-БНД, но е европратеник. Вториот, Костадин Костадинов е лидер на парламентарната партија „Преродба” и пратеник во бугарското Народно собрание, кој честопати изајвува дека „Македонија е втора бугарска држава”. Ни честувањето за Мара Бунева не беше лишено од иста порака, во контекст на идеал за кој таа и нејзините соборци се залагале.

Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов истотака присуствуваше на спорното чествување на Мара Бунева во Скопје
Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов истотака присуствуваше на спорното чествување на Мара Бунева во СкопјеФотографија: Visar Kryeziu/AP/dpa/picture alliance

„За жал, идеалот сѐ уште не е реализиран, идеалот – сите ние, целиот наш народ да биде обединет, а Бугарија во Мизија, Тракија и Македонија да се претвори во една држава, која ќе биде заеднички дом за сите Бугари“, порача бугарскиот пратеник од центарот на Скопје, придружуван од група пратеници и симпатизери.

Џамбаски, пак, ги повтори познатите тези околу историјата и односите меѓу двете земји, во кои спаѓа реториката за србо-комунисти и денационализација на Бугарите по налог на Коминтерната.

Во шопингот нема проблеми 

Подалеку од Скопје, во пограничниот регион меѓу двете земји, не се зборува за политика. Фреквенцијата од двете страни е вообичаена, најчесто заради шопинг во деновите од викенд. Во овој период зголемено било присуство на бугарски туристи во Делчево, кој е на 15 километри од границата и на 30 минути возење од Благоевград. Како што објави Nova.bg. бугарски граѓани се почесто доаѓаат во РСМ за да ги купат лековите кои во последниот период недостигаат во Бугарија. Од тие причини, во малиот број аптеки во Делчево, во сабота во смена работат и по четири до пет фармацевти, за да стигнат да ги услужат и домашните, но и бројните купувачи од Бугарија. Најчесто се барале витамини и лекови против главоболки, грип и висок крвен притисок.

За проблемите во политиката лекот сѐ уште не е најден.

извор: ДВ

Back to top button
Close