Лоша вест за Ловеч, добра за Тетово?

Само неколку дена подоцна стигна изненадувачка вест од бугарскиот град Ловеч, кој се наоѓа 150 километри североисточно од Софија: таму веќе почнале активности за изградба на фабрика од истиот инвеститор, со оглед дека уште една година претходно – на 10 јули 2021 година, договор за таква инвестиција потпишал копретседателот на партијата „Продолжуваме со промените“ (ПП), Кирил Петков, кој во тој период беше службен министер за економија во техничката влада, а по пет месеци стана премиер. Истиот ден пред зградата на министерството Петков лично сврти промотивно крукче со електромобил со натпис „Made in BG 2023“, како најава за годината кога во фабриката ќе биде произведена првата пробна серија електромобили. Сериското производство во полн обем беше најавено за 2024 година.

Тогаш Петков се пофали дека Бугарија успеала да го привлече инвеститорот во конкуренција на три соседни земји. „Победата ја достигнавме не поради понудените стимулации, туку со додадена вредност“, изјави тој за инвестицијата од 140 милиони евра и планирани 1.000 работни места.

Bulgarien Premierminister Kiril Petkov
Поранешниот бугарски премиер Кирил ПетковФотографија: BGNES

Изградбата почна

Како локација за новата фабрика беше избран просторот на поранешната фабрика „Балкан“ во градот Ловеч, каде во минатото се произведувале првите автомобили, велосипеди, мотоцикли. Во септември лани таму веќе беше завршено расчистувањето на теренот за фабриката, подигната ограда долга 2,5 километри, а реализирана и друга инвестиција – изграден фотоволтаичен парк на 700 хектари кој би го опслужувал производството на електрични возила.
Веста дека Бугарија предничи во тој конкурентски проект, не ги забрза активностите во индустриската зона кај Тетово. Почетокот на изградбата беше најавен за шест до осум недели. Потоа се одложи за нови четири недели. А кога и по четири месеци на локацијата остана само камен -темелникот, образложението беше дека за потребите на фабриката било неопходно време за да се спојат четири постоечки парцели во зоната во Тетово. Но, тие процедури завршиле и министерот за економија Крешник Бектеши лани на крајот од ноември најави дека во рок од една недела ќе се даде дозволата за градба и ќе може да почнат градежни активности.
Не почнаа ни по една година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на годишнината од поставувањето на камен-темелникот праша каде е фабриката за електрични автомобили
„По цела година наместо фабрика има ливада која не е ни искосена.  Колку чинеше прославата за лагата за почеток на градба?“, прашуваа од партијата.
Од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони одговорот беше дека ништо не е во застој и активностите течат: има проект, има конзорциум на домашни компании кои се избрани од инвеститорот да го реализираат градежниот дел, има договор за закуп на земјиште, и има подготовка за градба на клучна инфраструктура кон зоната.

Пресврт или…

Сега изненадувачка вест повторно доаѓа од Бугарија.
„Нешто повеќе од две години од овој незаборавен 10 јули 2021 година, станува јасно дека германскиот производител на електрични автомобили Next.e.GO Mobile избрал други дестинации за своите фабрики, и Бугарија, барем засега, отсуствува од нив“, објави Бгнес.
„Компанијата која веќе има производство во Германија, ќе гради фабрика во соседна Република Северна Македонија. Таа треба да ги отвори вратите во 2024 година. Во планот се предвидува уште една фабрика во САД и една во Европа. Американскиот пазар е особено привлечен за Германците, особено по усвојувањето на Законот за намалување на инфлацијата“, ја пренесува Бгнес изјавата на Али Везваи, извршен директор на Next.e.GO Mobile.
Дали по ова тежиштето на активностите ќе биде ексклузивно насочено кон работите во индустриската зона кај Тетово? На домашен терен се уште нема потврда за веродостојноста на оваа информација, а со оглед дека во Бугарија е во тек кампања за локални избори, постои внимателност околу информациите пласирани во чувствителен политички период.
Како што е досега познато, со инвестицијата во Тетово од 130 милиони евра планирани се 890 работни места и над 3.000 индиректни вработувања од локални компании кои ќе соработуваат директно со инвеститорот. Дополнително беше истакнато дека компанијата ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра. Беше најавено дека компанијата нема да користи даночни ослободувања, а владината поддршка со 35 отсто од вкупната инвестиција (42,5 милиони евра) има заштитни клаузули и ќе биде реализирана само по исполнувањето на обврските, според конкретни рокови.

Back to top button
Close