Лошите карти на Путин: Митот за руската сила и опасниот облог на Трамп
Некои веруваат дека Путинова Русија има силна позиција. Еден од нив е американскиот претседател Доналд Трамп – заедно со неговите пријателчиња – кој изгледа убеден дека Путин ги има сите карти. Каде тоа? На некоја покер маса во неговиот осамена мрачен замок Гремлин, играјќи против сопствениот одраз во огледалото? Ако тоа се „картите“ за кои Трамп и неговите пријатели веруваат дека Путин ги има, добро. Но, да бидеме сериозни за момент.
Какви карти всушност држи Путин? Според неговиот сопствен план за „специјална воена операција“, Кијив требаше да падне за три дена, а цела Украина за три недели. Тоа беше големиот „дизајн“. Три години подоцна, Украина стои. И – Украина возвраќа, посилна од кога било. Значи, што навистина постигна Путин?
Да ги поставиме неговите карти на масата:
Киднапирање на 20.000 украински деца.
Геноцидна војна со системски воени злосторства – грабежи, силувања, мачење цивили.
Бомбардирање на цивилни домови, градинки, породилишта.
Ова не се стратешки победи – тоа се акти на очај, потези на лидер кој ја губи контролата. Значи, дали се овие знаци на победничка рака во партијата карти? Очигледно не.
Пред три години, светот го виде она што требаше да биде напад на глобална воена суперсила врз суверена нација. Но, со што се соочи оваа „суперсила“? Армија од едвај вооружени цивили и многу слабо вооружени војници – ја запре таа „глобална суперсила“. Значи, дали е тоа „добра карта“ во рацете на Путин? јас не би рекол така.
Можеби треба да ги погледнеме териториите што Русија ги окупира, вклучително и оние од 2014 година. Дали тие се предност во преговорите? Тешко. Овие области се опустошени, со население што заминува, економски осакатени. Нема реална економија, нема јавни услуги – само урнатини и репресија. Наместо да бидат стратешки придобивки, овие територии се товар што Русија мора да ги субвенционира, обезбедува и брани, а истовремено да пружи основни услуги како што се здравство и образование. Значи, окупираните територии – дали тие навистина се карти во рацете на Путин? Јас не мислам така.
И да не заборавиме – веќе осум месеци, украинските сили освоија територија во самата Русија, во регионот Курск. Така е – Русија изгуби територија од Украина. Не само што Русија го загуби теренот, туку оваа инвазија ја разбива илузијата на Путин за апсолутна контрола – тој не може ни да си ја обезбеди ни сопствената земја. Дури и ако руските сили на крајот ја истуркаат Украина од Курск, останува фактот: Путин и неговата Руска Федерација се длабоко ранливи. Далеку помала армија окупирала руска територија осум месеци!
Потоа, тука е „моќната“ руска воена машина, која лази со темпо на полжав – напредува само неколку стотини метри на ден додека претрпува неверојатни загуби. Стапката на жртви е толку катастрофална што Русија сега се потпира на севернокорејските војници за да ги пополнат своите редови – и да бидат убиени во тој процес. Толку од вресокот на Кремљ против странски воени сили – очигледно, тие можат да доведат Севернокорејци, Кубанци и Белоруси, но Украина не може да добие ни воена поддршка за самата да се брани?
Каква карта!
А што е со руската економија? Рубљата е во слободен пад, воената економија се распрснува, младите професионалци бегаат од земјата, а условите за живот се влошуваат. Фабриките се затвораат, инфлацијата вртоглаво расте, а семејствата се борат да си ги дозволат основните потреби – ова е реалноста зад таканаречената воена економија на Путин. Тоа не е сила – тоа е бавен колапс.
Значи, што остана во рацете на Путин? Можеби – само можеби – тој ја зачувал последната карта во ракавот. И сега, во вистинскиот момент, тој ја извлекува.
Ја извлекува картата – Трамп
Џабир Дерала
Извор: Цивил