Лошо разбрана идеја

Во 1959 година Музејот на модерна уметност (MOMA) од Њујорк ја организираше сега веќе легендарната изложба насловена „Ново американско сликарство“, прикажувајќи ја низ Европа (и светот) безмалу целата А-репрезентација на апстрактниот експресионизам, почнувајќи од Полок, преку Ротко, де Кунинг, Горки, Њуман и други. Без оглед на различните стручни реакции – еден француски критичар прашал „Зошто тие мислат дека се уметници?“[1] – тоа била фантастична изложба, но и не само изложба, туку триумфален поход, културно освојување на Европа и светот, политички проект пар екселанс. Некои ја нарекуваат оваа изложба и „Оружје на студената војна“, односно многумина добро верзирани во американската политика во тоа време оваа изложба ја гледаат како политички проект, што повторно не и’ одзема ништо од репрезентативноста и квалитетот. Ја спомнувам оваа изложба во контекстот на нашите актуелни „односи“ со источниот сосед, но и во контекстот на деценискиот спор за името на државата со јужниот сосед, па и во врска со сите наши меѓународни односи, ако баш сакате. Зашто, ако една велесила од форматот на Америка, уште во втората половина на дваесеттиот век, почувствувала дека не е се’ во оружјето туку дека и културата односно уметноста се многу важен сегмент во „освојувањето на светот“, како тоа нам, денес, во третата деценија на дваесет и првиот век уште не ни е јасно?

Не сакам да тврдам дека Македонија, со добра – не велам подобра туку само добра зашто ние денес немаме никаква – меѓународна културна политика ќе беше во подобра регионална и меѓународна ситуација и ќе може(ше) полесно да ги решава споровите, па нека се и измислени. Но не сакам ни да одречам дека еден таков обмислен, репрезентативен долгорочен меѓународен културен поход во многу нешта ќе ни ја олеснеше комуникацијата со соседите, регионот и Европа. Не сакам ни да одречам бидејќи не е само посочениот пример на Америка туку ги има уште безброј коишто упатуваат на културата – и не само на културата, се сеќавате на „пинг-понг дипломатијата“ – како можен балансер во потенцијално затегнатите меѓународни односи? Ама, нели, треба човек да знае, па треба да обмисли и конципира долгорочна меѓународна културна политика, па треба да знае што е тоа квалитет и вредност во македонската култура, па треба да знае како тие нешта се пласираат, организираат… итн. Треба човек, особено оној кој решил да се бави со политика, да знае многу нешта! Нашиве партиски шушупатки не знаат ништо бре брате. Особено министрите!

Важноста на меѓународната културна соработка беше согледана уште во раните деведесетти години на минатиот век – значи веднаш по осамостојувањето – и тоа особено потребата од перманентна и континуирана презентација на македонската култура надвор, што пак (логично) водеше до заживување на идејата за македонски културни центри, барем во соседните земји односно во регионот. Ама сето тоа долго остана само на идеја и – толку, се’ до отворањето на Македонскиот културен центар во Софија, па набргу потоа побрзавме и во Њујорк – за некој да не не’ превари и пред нас „културно“ го освои градот – и (повторно) толку, тука заврши нашиот интерес за таа работа. Долго се крчкаше идејата за Истанбул (конечно и тоа профункционира оваа година), па за Тирана… Но и сето тоа помина без сериозна стручна дебата или барем некаков елаборат/стратегија, туку се туркаше, како и се’ друго кај нас, „на мускули“ односно согласно нечии преференции а не државни согледби и потреби. Затоа впрочем и така килаво функционира овој дел зашто никогаш на идејата не и’ дадовме финална обланда во смислата на стручна и компетентна разработка и конципирање на сите неопходни координати на функцинирање. Поточно, испадна дека ние само сакаме нешто, ама не знаеме како тоа го сакаме, и зошто. Бидејќи културните центри самите по себе се само ново оптеретување на државниот буџет ако пред нив не се постават соодветни барања и репери според коишто треба да функционираат. А ние, такви какви што сме, неуки и неспособни, мислевме дека веќе само нивната „фирма“ е доволна за нашата културна промоција, а другото ќе го дополнат институциите и поединците со нивните „културни програми“. Не разбравме, имено, дека тие културни центри во странство се државна односно политичка продолжена рака во културната соработка, а не место кадешто ќе се организираат туристички тури на партиски пулени и пријатели на министрите и вработените во Министерството за култура! Што ќе рече, идејата ја поставивме на глава наместо – на нозе. Затоа се такви и резултатите. Поточно, ако се’, односно комплетната годишна програма на македонските културни центри, како сега, се препушта на потенцијалните предлози на институции и поединци, коишто најчесто се само лично-групни желби за себепромоција и мала (од државата) платена прошетка, тогаш и ефектот е отприлика таков. И тука нема никаква вина кај тие „центри“ бидејќи Министерството за култура со своите небулозни „политики“ ги претворило малтене во туристички агенции. И повторно, не сакам да тврдам дека некоја наша долгорочна, осмислена и стручно конципирана стратегија/програма за присуство на „кремот“ на македонската култура во овие центри значително ќе ја подобреше општата слика за Македонија (барем) во соседните земји, но културата е сепак оска што обединува, упатува на дијалог, на соработка. И менува закоравени мислења и ставови. А нам тоа ни треба(ше)!


[1] Holly Williams, There hasn’t been a major group show of Abstract Expressionism in Europe since 1959, Independent, 27 September 2016

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close