Лошо време за хумор

Што треба да направи еден премиер, во миг кога ќе биде кажано нешто што не можело да се предвиди?     

Историскиот чин за Македонската православна црква – првото заедничко соослужување на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и македонскиот архиепископ Стефан, како и примањето на актот од Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во канонско единство, останаа во голема мера „поклопени“ од политиката. Она што во јавниот дискурс предничеше над историскиот чин во Истанбул, беа жестоките реакции за шегата на албанскиот премиер Еди Рама во Солун, кој претседателот на македонската влада Димитар Ковачевски го „претстави“ како премиер на „идната Западна Бугарија“.

Страстите не ги смири ниту објаснувањето на Рама дека „со тоа ја иронизирал грдата блокада на Северна Македонија од страна на  Бугарија“.  Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара извинување и оставка од премиерот Ковачевски, со став дека не е кредибилен да ги брани националните интереси и да ја претставува земјата во меѓународните односи.

Што треба да направи еден премиер, во миг кога ќе биде кажано нешто што не можело да се предвиди?

„Навистина е прашање на мудрост како да се одговори“, вели македонскиот амбасадор Љупчо Арсовски.

Тој посочува дека се случува да има шеги во комуникација меѓу премиери кои се познаваат релативно добро, се среќаваат често на меѓународни конференции и разменуваат ставови за одредени проекти и прашања, особено билатерални или регионални.

„Во моменти на релаксирана атмосфера за време на аператив пред ручек или вечера, се случува во пријателска атмосфера да се кажуваат анегдоти, досетки и слично“, вели Арсовски.

Но, смета дека не било место за каков било коментар од страна на Рама кон Ковачевски, во моментот кога на  германскиот канцелар  му ги претставуваа учесниците на регионалниот самит во Солун.

„Ова е дипломатски гаф, на кој навистина е прашање на мудрост како да се одговори. Насмевките на сите во тој момент (според медиумските видеа) и фактот дека Рама и досега во повеќе наврати се однесувал недипломатски, кажуваат повеќе од каков било коментар. На жестоките реакции на македонската јавност ова беше многу брзо официјално ‘разјаснето’ од Кабинетот на премиерот Рама, дека зборовите на албанскиот премиер всушност се ‘сарказам со Бугарија и иронија со ЕУ’“, потсетува амбасадорот Арсовски.

Ни време, ни место

Се чини дека тоа подобро го разбраа во Бугарија, отколку во РСМ. Изјавата на Рама во бугарските медиуми и јавноста не е проследена со некаква еуфорија, туку со потсетување дека „не е првпат“ да има ваква изјава на Рама. Односно дека таа е продолжение на она што албанскиот премиер еднаш јавно му го кажал на претходниот премиер, Зоран Заев, на економски форум во РСМ.

„Сите имаат право да се чувствуваат целосно фрустрирано, што одеднаш се појавува Бугарија и бара нешто повеќе. Му реков на Зоран дека се надевам оти нема да бараат да се наречете Западна Бугарија, зашто тогаш ќе треба пак да преговарате со Грците“, потсетуваат медиумите во соседството на изјава на Рама од пред една година.

Според Арсовски, има и друг аспект во оваа епизода.

„Дали, можеби премиерот Рама подоцна се сетил на агресивното однесување (и со нивна молкум дозвола) кога бугарски официјални лица со години кружат низ албански региони со Македонци, кои како национално признаено малцинство од албанската држава живеат и творат во Албанија. Нивната цел и намера беше да ги потплатат Македонците, да ги асимилираат како Бугари со пари, стипендии, подароци и слично, користејќи ја актуелната економска ситуација во таа земја. Сепак, каков и да е, хуморот помалку или повеќе е привелегија на едуцирани и мудри личности“, оценува Арсовски.

DW Interview I Edi RamaСарказмот на албанскиот премиер Еди Рама крена голема прашина

А француски претставник?

Додека во РСМ се пребројуваат оние што ја оправдуваат или осудуваат изјавата на Рама и однесувањето на  Ковачевски,  во Софија единствена новост е дека нема ништо „ново“, ни по посетата на германскиот канцелар. Во овој контекст, Арсовски го акцентира фактот дека за време на француското претседателство, немало посета од висок француски претставник на регионот.

„Врзано за бугарското вето,  француското претседавање со ЕУ  и посетата на германскиот канцелар Шолц, очекував поголема активност на француската страна како земја претседавач. Можеби многу висок француски претставник требаше да направи обиколка во регионот оптоварен со неколку ‘вируси’, кои со добра волја и разбирање можат да се решат. Во моментов клучна работа е бугарското вето и закочувањето на стартот за преговори на Македонија и Албанија за полноправно членство. Ако поранешната канцеларка Меркел овие денови изјави дека на крајот на нејзиниот мандат направила сѐ што е можно да дојде до отпочнување на преговорите, но не успеала, се прашувам дали некој верува дека  Шолц ќе го направи тоа, и тоа за време на француско претседавање“, вели амбасадорот.

Според него, Бугарија ја одиграла познатата игра со образложенија дека има проблеми на внатрешен план.

„За мене е јасно дека ‘бугарската рашомонијада’ почна во бугарскиот парламент со Декларацијата и потоа со владиниот Меморандум. И за позитивно решение или откажување на ветото со какви било услови за македонската страна, сѐ мора повторно да заврши во нивниот парламент. Моменталната криза и решението со кое се сложија некои бугарски партии кои се ‘бунтуваа’, сега е решено да се одвива така (значи ветото останува), што ни дава јасна слика дека ова прашање ќе премине во рацете на идниот председавач – Чешка. За одвојување на Македонија од Албанија и нејзин старт, според мене, не доаѓа предвид, бидејќи има барем две или три земји од ЕУ кои не би дозволиле и би ставиле вето за Албанија, од за нив добри причини. Впрочем во моментов ЕУ има навистина далеку посериозни внатрешни проблеми, а некои се и силно поврзани со воените дејствија во Украина. Соочување со економските потреси, непочитување на санкциите кон Русија, се само дел од внатрешната проблематика која е компликувана и многу сериозна од повеќе аспекти“, оценува Арсовски.

Јотова: Сега не е можно

Прв лакмус ќе биде претстојниот состанок на Комитетот на постојани претставници и на Советот за општи работи во Брисел, а  Софија очекува да види дали ќе има промена на позициите, но на другите.

„Ќе видиме какви обврски ќе преземе македонската страна, ќе видиме што ќе понудат нашите европски партнери. До денеска нема ништо ново за да коментираме: Бугарите во Македонија треба да бидат запишани како државотворен народ во Уставот и тоа треба да се случи пред првата меѓувладина конференција. Очигледно, во рамките на француското претседателство тоа веќе не е можно“, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова.

Таа потенцира дека „ако нема нова позиција од Скопје, или нов предлог од европските партнери, тогаш заобиколување на бугарското вето за почеток на преговори на РСМ ќе значи заобиколување на бугарските национални интереси, заобиколување на парламентот и на ставот на мнозинството бугарски граѓани“.

извор: ДВ

 

Back to top button
Close