LOVE TRAIN

Секогаш ме збунуваше идеата на екстериторијалноста на бродовите. Бродот е носител на суверенитетот, негов мобилен дел и доколку се осмелиш да го допреш, си ја допрел државата, ти си во војна со државата. Но, доколку си го допрел човекот, не. Морнарот убиен во кафето на молот не ја внесува државата во војна. Само морнарот убиен на бродот е аларм. Знам, правен случај, итн. итн., но сакам да кажам, колку фантастична е идејата човекот да биде носител на овој ист суверенитет, како и бродот. За најпосле, човекот да биде таа екстериторијалност, таа биолошка територија која што, доколку биде допрена, треба да бидеме сите алармирани. Треба да се случило нешто многу грубо и погрешно во човечката историја што го довела во ваква ситуација, да му завидува на бродот!

Ваквото нешто во многу чудна и грда форма ни се посведочи во случајот на Косово. Се кажа дека, за прв пат во историјата на човештвото, една војна се води во име на човекот и на неговите права и за трет пат, по војните во Персискиот Залив и во Босна, се промовира теоријата на војната наречена “war with zero deaths“ Војната во Косово всушност беше само една спектакуларна промоција на овој принцип и оваа теорија. Најпосле, еден војник, еден човек, вредеше повеќе од еден брод, повеќе од еден авион. Американците беа готови да жртвуваат и брод и авион, но не и американски војник.

Денес, откако ‘се помина, конечно стана јасно дека човекот вредел повеќе од еден брод, но оваа убава идеја завршува таму каде што завршува и американскиот суверенитет, кај американскиот човек. Таму каде што завршува и Европа замислена и дизајнирана како тврдина. Вистина е, преку оваа војна за прв пат се прокламира тоа дека човечките суштества се поважни од државата и нејзиниот суверенитет. Дека принципот на правата на човекот треба да биде над принципот на суверенитетот на државата. Бидејќи како што кажа претседателот Вацлав Хавел: државата е креација на човекот, меѓутоа луѓето се креација од Бога! Но, од гледна точка на виктимизираните народи на Балканот, каде што загинаа стотици илјади луѓе, не изгледа дека се случува нешто ново на ‘западниот фронт’. Бидејќи, тие што ги жртвувавме во име на убавата и хумана идеја за правата на човекот, беа – луѓето! Повторно! Тоа што ме преокупира мене е дека денес, се уште немаме пронајдено некаков erzatz, некаква замена за човекот, што треба да се жртвува за да се развие и да се крене понатаму идејата на човечноста.

Како и да е, вреди да и се израдуваш како на добра вест, како на вест дека има живот на Марс, дека некаде на светот, вон Косово, вон Балканот, човекот е најпосле побитен од државата, дека човекот е независен. Ужива екстериторијалитет. Ова ме исполнува со надеж дека можеби еден ден во мојот град, во Приштина, во ова мое изгубено маркезијанско Macondo, ќе стигне овој принцип, така како што еден ден во Приштина дојде Coca Cola. Така како што направи НАТО.

Но, дозволете ми да почнам од почеток.

Беше среда, 31 март, кога помислив дека ова е последниот ден во мојот живот. Специјалната српска полиција ‘не собра присилно, три илјади граѓани на Приштина колку што бевме во тој реон, влегувајќи од куќа во куќа и ‘не поведе некаде. Никој не знаеше каде. По половина час одење под викотниците и наредбите на полицијата „брже, брже!“(побрзо, побрзо), стигнавме кај малата железничка станица на периферијата на Приштина, каде што тие веќе беа собрале приближно 25 -30 илјади жители. Ги прашав што чекаат. Ми рекоа: возот! Дури тогаш ја разбрав нивната луда идеа: депортација на цел еден град! Беше 3 часот попладне кога се најдов среде цел еден град што го чекаше возот, што чекаше да биде депортиран. Имав чувство дека сум најнесреќниот и најзаборавениот човек на светот. И не само јас.

СТИРОПОРОТ. Се изморивме стоејќи така на нозе, чекајќи го возот и стивнувајќи ја и амортизирајќи ја болката, низ разговорите што ги споделувавме со сета таа маса луѓе. Немаше каде да се седне. Ливада. Што завршуваше со едно возвишение, таму некаде кон крајот, кое луѓето почнаа да го нарекуваат Сончевиот брег, како познатиот реон во Приштина. Започна да се стемнува. Градот, поделен на своите реони на таа ливада, седна. Беше изморен. Кој што најде, спростре на земја, за да ги смести децата и себе си и … седнаа. Ноќта го прекри место. Како покривка им послужи темницата, но градот немаше што да спростре на земјата.

Возот го немаше никаде. Младите веднаш импровизираа некакво корзо од hinterlandot (пустелијата) на таа ливада – делот меѓу шините. Градот почна да се организира. Се направија две места каде што се собираа младите: чешмата и она корзо среде шините, што беше освежено и наводенето од човечка урина. Повозрасните пак, почнаа да одат на гости едни кај други и да си ги кажуваат маките. Изгледа дека, додека вака се шетаа и вревеа, некој најде нешто исклучително важно во таа ноќ – стиропорот. Смеса за изолирање, со која се обложуваат ѕидовите. Од некое депо извадија ролни со стиропор и почнаа да ги делат на парчиња. Парчињата стиропор семејствата ги постелуваа на земја, како изолатор. Имаше доволно стиропор, бидејќи набргу парчињата се разделија низ целиот град на ливадата.

Стиропорот и ноќта со месечина што се прекршуваше од белата боја на стиропорот, создаваа чувството на едно големо море со бранови. Луѓето не се гледаа. Само стиропорот. Брановите беа оние парчиња стиропор, што додека не се постелија на земја за изолација, создадоа накратко едно доживување на чудсен перформанс што само животот знае и може да го постави. Таа ливада исполнета со еден град, што во мракот ги беше изгубил котурите и не се гледаше, парчињата стиропор, што ноќта со месечина додека го создаваше и го откриваше стравот и бранувањата на душата на цел еден град, ги измиваше со една позлатена светлина, ми го засилуваа чувството дека ништо не е почудесно од животот.

По извесно време стиропорот се истопи. Исчезна од погледот. Беше послан под градот. Го изолираше.

Околу 11 часот, однекаде од небото, се слушна вревата на авионите на НАТО. Наеднаш, мојот град собран на железничкта станица стана на нозе и почна да ракоплеска и да извикува НАТО, НАТО, НАТО… Ова беше надежта, вревата на авионите ‘ни сведочеше дека не сме заборавени, дека светот мисли на нас. Неочекувано, од сите страни на таа ледина се слушнаа истрели од автоматско оружје на српската полиција. Одненадеж ‘се замолкна. Мојот град седна на земја и се стутка од студот на таа судбинска ноќ.

НАТО остана горе, многу високо. Јас и мојот град останавме долу, многу ниско. На милоста на вооружената српската полиција и на немилоста на ноќта. Таму, на тоа место, на таа мала станица, некаде на периферијата на Приштина, каде што се одвиваше трагедијата на депортирањето на цел еден град, таа ноќ починаа само двајца старци. Умреа од стравот и од траумата, убедени во фаталноста на животот и во денот на кијаметот (големиот потоп). Токму таму, истата вечер, три пати се слушнаа повиците: гинекологот! А потоа, плачот на новороденчињата што доаѓаа на овој свет во најтешкиот момент во историјата на овој град. Јас, стуткан од студот обидувајќи се да соберам малку од топлината што ја испушташе телото на мојот град се обидував да ги добијам на прирачното радиото што го имав со себе, последните вести… надежта. Го вртев копчето, поминував низ различните фрекфенции и им го вртев грбот на жените кои ми се извинуваа што треба да извршат нужда. Вообичаено, семејството ги определуваше младите девојќи кои ќе направеа нешто како потемкијанско WC, со кулиси од ќебе, во кое жените вршеа нужда. Таму, помеѓу шините што мојот град ги беше одредил како hinterland. Земјата помеѓу шините се чуваше откриена, како улица, како слободен простор. Останатиот дел на таа ледина беше поделен на реони. Така, преку најпознатите реони, го беа пресоздале нашиот град, неговата макета: на едно извишување спроти зградата на станицата беше “Сончевиот брег“, понатаму “Топхана“, “Драгодан“… “Таслиџе“… “Улпиана“ ја беа оставиле натаму кон крајот на ледината…

Додека гледав како изгубен во млазот од урините што се истураа таму покрај мене, што јас ги гледав под долниот дел од таа прекрика што не ги покриваше тие жени целосно, на радиото фатив една постара песна, што ја знаев од 70-тите, што сум ја запамтил поради стиховите на една инфантилна надеж и срдечниот тон што го имаше. Се сетив на 70-тите, на непоматената верба во прогрес, на таа декада на историското движење кон еден подобар свет, посреќен… во кој сите ќе живевме во мир и хармонија…

People all over the world,

Join hands

Start a love train, love train

People all over the world,

Join hands

Join a love train, love train…

Ја пеев заедно со The O’Jays оваа песна, онака безгласно, додека им потврдував со глава на оние жени и девојќи што ми се извинуваа, во смисол на “нема зошто… природно, разбирам…“.

Решив да се оддалечам од тоа место каде што тешкиот мирис на урината ти удираше во ноздрвите и што молкум се избра за место за јавeн restroom.

Се движев низ тој hinterland среде шините , со радиото на увото како некој изгубен hip-hop’er и започнав да пеам на глас “…Don’t you know that is time to get on board / and let this train keep on riding, riding on through…Love train…Love train…“

Почнав на глас да го адаптирам текстот… “O God…let it be the love train… make it be a love train…“

Никој со сигурност не знаеше каде ќе ги однесе овој воз тие луѓе. Се зборуваше дека возот ги депортира луѓето на границата со Македонија, но никој не се врати за да ни потврди. Луѓето зборуваа дека возот некаде го менува правецот, скршнува и завршува во една поранешна голема фабрика, каде што мажите ги одделуваат од жените и децата и откако ги легитимираат, ги ликвидираат. Ова ни создаваше чувство на страв, смрзнувавме од страв.

“…Love train, O God let it be the love train…“

Некаде околу 1часот по полноќ, неочекувано, сето тоа море од луѓе се разбранува и се придвижи… Ослободете го патот, ослободете ги шините… Што се случува, ги прашав онака, со радиото на уво? Возот, доаѓа возот, викнаа… И така, уште пред да се ослободат шините за возот што доаѓаше, почна една општа смеа проследена со псовки и клетви. Разбравме дека неколку млади момчиња од мојот град, такви загрижени и исплашени од она исчекување, нашле некаде некоја рачна светилка, голема, и таму кон крајот на станицата направиле еден воз од луѓе, на кој врз главата на првиот ја ставиле онаа силна лампа што те заслепуваше…

Луѓето, како при фатаморгана, веднаш помислија дека возот најпосле пристигна… Беше потребно извесно време тоа море од луѓе да се извести дека сево ова беше само една детска шега. Таа спонтана смеа што беше предизвикана и клетвите на постарите, кои ги прекоруваа поради тоа што во најтешките моменти на овој град најдоа да се шегуваат, ни помогна еден дел од времето да ни помине брзо, некои така смеејќи се, а други прекорувајќи.

Најверојатно смеата му го отвори апетитот на мојот град, кому што му студеше. Започнаа да ги одврзуваат кесите со малку храна и ги хранеа најпрво децата, а потоа и себе си по малку.

НЕБОТО. Со радиото на увото, како некој изнасилен hip-hop-еr, не го приметив веднаш човекот што го беше втренчил погледот во мене. Граблив. Во неговите ширум отворени очи видов едно големо парче од ноќта со месечина и себе си во него.

– Си помислил ли некогаш дека небото може да е полно со живот? – Гледаше таму угоре.

Збунет од ваквата карлсаганска настојчивост на еден трауматизиран граѓанин, му возвратив со малку хумор:

-Не знам дали е полно со живот, но го молам Бога да е полно со авиони на НАТО!

Го оддалечив радиото од увото за да го проследам овој разговор што не го побарав, но што таа злоставувачка физичка блискост, што овој процес на депортација ја беше редуцирал на цантиметри, го наметнуваше.

– А викаш, ќе ни помогнат и нема да не заборават, – праша.

Ти ги слушна, му реков. Горе се… не ‘не заборавиле…светот не ‘не заборавил.

-А доколку возот заврши во некоја касапница?

-Не знам што да ти кажам. Се надевам дека нема да биде воз на смртта, туку на животот.

Се чинеше, како ова да му се допадна. Молчеше извесно време и ми рече:

-Ќе ми помогнеш ли, те молам, кога ќе дојде возот да го качам семејството.

Дури тогаш му го видов семејството одзади. Беа собрани сите заедно. Жена му и петте деца,сите малечки.

-Не успеав да ги качам во првиот воз.

-А како изгледаше првиот воз? – прашав, бидејќи мене и целиот мој реон насилно не одведоа подоцна.

-Ужас, ќе го видиш… Но, би те замолил кога ќе дојде возот да бидеш покрај шините. Ме гледаш ли мене. Сум се приближил тука покрај шините и седам покрај мочката, само за да бидам блиску до возот кога ќе дојде.

Му ветив дека ќе му помогнам. Тој малку се поткрена, го намести стиропорот малку подобро под себе и седна повторно, со погледот нагоре кон небото.

-Знаеш ли дека овие ѕвезди, што ‘ни се чинат толку блиску, тие се далеку… многу далеку? Нас ‘не мами само нивната светлина и ни се чинат блиску.

Знам – му реков! – Ѕвездите се далеку…многу далеку, се сложувам.

ПРИСТИГАЊЕТО. Вибрациите на градот што се зголемуваа ‘се повеќе, претворајќи ‘се во голем метеж и пискотници, го навестија пристигањето на возот. Од моментот кога зборот “возот“ го окупира целото поле, започна едно буткање и насилничко однесување, што доаѓаше однекаде позади таа ледина, од непознатите реоните, што ја буткаа толпата што се наоѓаше во близина на шините. Да се биде покрај шините беше еден важен услов.

Доаѓањето на возот беше драматичното крешендо на вечерта, кога мојот град ја заборави добрината, ја заборави онаа солидарност што царуваше таму и почнаа да се газат еден со друг за да се качат во возот. Не дека не ми се даде можност да му помогнам на семејството што го запознав, но јас, како и сите останати, се борев со нокти и со душа, за да се качам во возот. Имав можност само да ја завртам главата за да констатирам дека тоа семејство беше совладано и не се гледаше од стампедото на мојот град обземен од инстинктот за преживување.

Вратите на возот беа мали за да го соберат целиот град. Луѓето влегуваа и низ прозорците. Жените и децата низ прозорците ги внесуваа оние што беа победници во оние кошкања и буткања и беа зазеле некое coupe.

Извесно време во прозорците на возот останаа заглавени жени со поголема тежина и така тешки и обесени на прозорците, изгледаа како заборавени вреќи што одекнуваа, се додека семејствата не се организираа и ги повикаа воглавно машките во семејствотвата и роднините, за да ги избуткаат од позади. Не дозволуваа туѓинци да им помогнат.

Возот стоеше онолку одлго колку што на луѓето со насилство и буткање им требаше да го наполнат, така како што се полнат конзервите со сардини – spitz.

Coupe-ата и ходниците беа преполнети со вознемирено месо. Низ возот се слушаа повиците на семејствата. Семејствата се беа раздвоиле при качувањето. Таткото и најмалото дете беа во еден вагон, додека мјката со другото дете толпата ги беше избуткала и тие сега беа некаде во некој друг вагон. Два часа по ред мојот град ‘се пребројуваше, семејствата ‘се бараа меѓу себе. Тие во кои сите беа во возот, без разлика во колку вагони, остануваа. Тие коишто констатираа дека некој од семејството останал надвор од возот, со многу лутина и гнев, одлучуваа да слезат.

Во вагонот каде што бев, почна да станува жешко од бројот, од близината и од драмата на луѓето. Луѓето во вагоните почнаа да ги молат оние кои беа надвор, да им ги наполнат пластичните шишиња со вода. Тие не сакаа. Ги беа замразиле оние што беа толку силни и снаодливи за да се качат во возот. Не ви даваме, излезете наполнете си сами, одговараше една толпа граѓани кои беа собрани во близина на единствената чешма на таа ливада. Но со деца и со луѓе сме, ве молиме…

Мноштво раце со пластични шишиња беа подадени од возот, кон луѓето од мојот град.

Извесно време тие раце останаа да висат, се додека еден од граѓаните не се помести и се крена за да го земе шишето од раката на една жена. Тогаш сите започнаа да им помагаат… Солидарноста повторно заживеа, откако едно време беше совладана од инстиктите.

Блиску од мене беше еден маж, некаде од реонот на Топхане, кој ме правеше нервозен. О луѓе, знаете ли што, ми се чини дека сум ја оставил куќната врата отворена! По извесно време повторно… О, сум ја оставил куќната врата отворена!…

Како дел од таа маса месо со која беше исполнет ходникот на возот, го молев Бога да не биде воз на смртта и за да добие вознемиреноста на еден трауматизиран граѓанин што ја оплакува отворената куќна врата хумористично значење во ваквата драма, започнав да пеам во себе: Love Train… God let it be a Love Train…

* * *

 

ВОЗОВИТЕ НА КОСОВО

Повторно доаѓаат возовите, полни со несреќни луѓе, јадни.

Очи што не гледаат никаде, бидејќи не доаѓаат од никаде

И никаде не ја гледаат среќата.

Повторно доаѓаат возовите од еден свет што сите го мислевме далечен

Но ’не буди завивањето на тркалата и на волците

Мракот од едно време што е толку блиску,

Тагата што не знаевме да кажеме “доста“…

Тажат возовите, се движат испразнети од несреќни луѓе, јадни,

Кои немаат име, ни куќа, ни огниште

На кое ќе изгорат толку многу очај.

Ако болката нема лична карта, нема ни име.

Станува сечија болка и сите имаме во неа удел.

Сите стоиме во редот кон старата селидба,

Доколку селидбата не ја носиме во срцата.

Врескаат возовите.

Кој е презирот што ги турка,

Која е омразата што труе толку многу љубов?

Или можеби сме сите ние на станицата гледајќи како поминуваат?

Или сме качени одамна на локомотивата,

И ги броиме вагоните во редот?

(…)

 

Разказ прочитан на литературниот собир “Cosmopolis“

Барселона, 2004 г.

 

Автор: Миѓен Ќељменди

превод: Алида Муча

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close