ЛУЃЕ И КУЧИЊА

Сосема бесмислена е расправата „Сакате луѓе, или сакате кучиња“. Исто како што сосема безвредна е изјавата „Што ќе ми се кучиња, кога си имам внучиња“, што ја даде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, откако во неговиот град некој со пушка убил десетина улични кучиња. Не е прашањето – внучиња или кучиња? Не е прашањето луѓе или животни? Вистинското прашање е – закон или анархија? Ред или беззаконие?

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе му каже на министерот за земјоделие Љупчо Николовски да спреми нов закон за миленици со барањата и предлозите на здруженијата за заштита на животни. Па текстот за промена на законот, баш според предлозите на здруженијата, е готов уште од март лани, ама уште не е стигнат во Собранието. И да е само до законот работата. До непочитување на законот е.

Ние закони имаме. Добри се, со европско знаменце се изгласани. Ама, кој да ги спроведува. Не е само до кучињата. До сè е. Имаме ли закон за забрана за пушење во затворени објекти? Имаме. Имаме ли закон за забрането паркирање на булевари на трета лента, во пешачки зони и во паркови? Имаме. Имаме ли закон за забрана за узурпација на јавен простор? Имаме. Имаме ли закон за заштита на културно наследство? Имаме.

И што ако имаме? И што ако ќе имаме и нов закон за миленици, кога и овој постоечкиот не се спроведува, па премиерот ќе бара помош од Брисел и за кучињата скитници. И за тоа го овластил министерот за земјоделие да бара пари од ИПАРД фондовите за некој државен проект, оти градоначалниците не се зафаќаат со проблемот на улични кучиња, иако тоа е нивна работа. А локалните власти нека се самоукинат. За што ги бираме градоначалниците и општинските совети? Само за да ги вработуваат своите партиски другарчиња со нашите пари?

И зошто само Брисел да се алармира? И од Вашингтон да се побара помош, не сме за џабе стратешки партнери со САД. Па и министерот за надворешни работи Бујар Османи да се вклучи во кампањата. Не е сè во претседавањето со ОБСЕ и „За луѓето се работи“. И за кучињата се работи. Особено кога градоначалниците како приоритетен проблем кој веднаш го решаваат е купувањето нова кола. Оти поважно е да си ги топлат газовите со греачи на седиштата, отколку тоа што кучињата им ги јадат гласачите. Градоначалникот на Струга викаше дека не го личи да се вози во стара кола, ама Струга ептен ја личи кога кучиња ги бркаат граѓаните, а како дополнителна туристичка атракција и наоружани цивили шетаат сабајле и пукаат по улици.

Којзнае колку милиони општински денари се дадени за отштета на граѓани каснати од кучиња. Колку за пример, Општина Велес во 2020 исплатила 44.000 евра отштета за каснати од куче. Поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцески самиот се сомневаше во коруптивни врски во неговата Општина, кога само за шест месеци во 2021 биле исплатени 35.000 евра за отштета од каснати кучиња, ама не успеа да го најде синџирот. Наместо за санација за тротоари, парите завршија како оштета за каснатите велешани.

Примерот е само за Велес. А другите Општини? А Град Скопје? Води ли некој сметка колку пари се трошат за оштета од каснатини, како се одобруваат тие пари, кој зема пари за заловување и чување на кучињата, кој ги дава медицинските потврди на каснатите, кој ги вештачи, колку пари се собрани од казни од неодговорни сопственици на домашни миленици, ако воопшто некој е казнет, каде завршиле тие пари…

Брисел нека ни даде пари и за стационари, оти нашите пари ќе одат за корупција. Европски пари за вдомување и благодат на македонските кучиња, македонски пари за вдомување и благодат на партиските миленичиња.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close