Лублин – Полска
Почитувани читатели, денес имав средба со една личност која ме поттикна да пишувам патописи од моите патувања. Според зборовите на оваа прекрасна личност патописите претставуваат живописна слика во која се отсликуваме себеси и своето секојдневие каде што се вметнати многу други луѓе и настани. Патописите се патување низ животот.
Се навраќам на мојата голема љубов, спортот. Ракометниот клуб „Ѓорче Петров” во своите златни времиња беше една од најреномираните женски ракометни клубови во светот, со перманентно учество во Лигата на шампиони во Европа.
Кометал Ѓорче Петров се закити со титулата европски првак во 2002 година, а две години пред тоа и две години по 2002 година беше вице –шампион на Европа. Титули за респект, особено од денешна временска дистанца.
Кометал отиде во историја, а освоените титули останаа овековечени во историјата на европскиот клупски ракомет за жени.
Натпреварите кои се играа насекаде низ Европа, од Атлантик до Кавказ, ни оставија на сите нас, на целото раководство на клубот, на навивачката група Комити, кои секогаш беа дел од нашите патувања, силни впечатоци од градовите каде се одигруваа натпреварите: Валенсија, Виена, Шлагелзе, Торнтхајм, Осло, Лублин, Волгоград, Тољати, Букурешт, Будимпешта.
Патувањата, посебно на далечните дестинации како Валенција, Тољати, Волгоград, Лублин, беа практикувани со закуп на авион за 150 патници.
Денес првата колумна поврзана за овие кометалски патувања ја започнувам со градот Лублин во Полска, сместен на самата граница со Белорусија. Лублин е стар, средновековен и сѐ уште многу убав град со древна традиција.
За градот Лублин ме врзуваат две работи кои претходеа на гостувањето на Кометал во овој град.
Лублин важи за еден од главните столбови на женскиот ракомет во Полска. Нештата кои ме врзуваат со Лублин, датираат во раните 80-ти години од минатиот век, кога прв пат имав можност како делегат на Технометал-Вардар во Полска, да го посетам овој град. Причината беше избор на тутун тип „Вирџинија” за потребите на Македонија Табак, кој во времињата на бившата СФРЈ беше водечка фирма во земјата и се занимаваше со трговија на тутун, цигари и нивно производство во сите фази.
Успеавме да договориме долгогодишно снабдување на овој тип на тутун од Полска, кој се користеше во сите фабрики за производство на цигари, ширум бившата СФРЈ.
Македонија-Табак го доби приматот да биде главен снабдувач на овој вид на тутун кој во основа служи како полнило во производството на цигари.
Следното нешто кое ме импресионираше е фактот што Лублин е град каде во голема мера преовладува православието како вера и токму во овој град се наоѓа најголемиот православен, црковен храм. Ова е многу битно да се потенцира, бидејќи Полска важи како земја со монолитен католицизам. Останатите верски заедници во Полска меѓу кои и православието не зафаќаат повеќе од 4% од вкупната популација. Ме импресионираше толерантноста која оваа држава ја има во поглед практикување на верските обичаи.
Првото гостувањето на Кометал –Ѓорче Петров во овој град се случи на почетокот од 2002 година.
Слетавме со авион и ние од раководството заедно со навивачите ангажиравме пристоен хотел. Ракометарките како гостински тим беа сместени во работнички дом каде условите за престој беа многу лоши. Многу соби беа без санитарни јазли и пристојни услови за одмор.
Капитенот Индира Кастратовиќ побара средба со мене и запознавајќи ме со условите веднаш изреагирав. Истиот момент ангажирав соби за нив во хотелот каде што бевме сместени. Радоста на моите ракометарки-тигрици беше бескрајна. Радоста траеше и следниот ден кога се одигра и главниот натпревар. Инспирирани од мојот гест следниот ден истрчаа на теренот со голема инспирација. Ракометниот женски клуб Лублин важеше за тим кој никогаш не изгубил во лигата на шампиони на сопствен терен, а за нејзините навивачи, важеше правилото дека се силни подржувачи со доза на агресивност кон гостинскиот клуб и гостинските навивачи. Нас од раководството и навивачите од Макаедонија нѐ донесоа со посебен автобус , нѐ сместија во салата, каде бевме заштитени од силно опремен кордон на полицајци.
Мечот започна, а девојките на Ѓорче ја изведоа „лебедовата песна” на паркетот. Громогласната поддршка на домашните навивачи стивна кон крајот на првото полувреме, бидејќи Кометал-Ѓорче Петров доминираше на теренот.
Лебедовата песна на Ѓорче Петров продолжи и во второто полувреме. Се случи чудо. На крајот беа испратени со громогласна поддршка од домашните навивачи, вклучително и од кордонот на полицајци.
Кометал-Ѓорче Петров славеше победа со 17 голови разлика. Не само јас, туку и ракометарките, раководството на Кометал-Ѓорче Петров и Комитите, доживеавме емотивен удар на гордост.
Прославата за оваа победа продолжи во хотелот во присуство на нашите домаќини. Јас течно зборувам полски и споделив со моите домаќини и нивните навивачи неколку реченици при што на симпатичен начин добив коментар: „вие сте многу подобри од нас, ама зошто моравте да нѐ понижите со толку голема разлика”? Мојот одговор беше „ за да нѐ запаметите”.
Убеден сум дека после гостувањето на Кометал-Ѓорче Петров , љубителите на женскиот ракомет во Лублин имаат сосема друга перцепција за нас Македонците.
Почитувани читатели, во следните колумни ќе ви ги пренесам сеќавањата од нашите гостувања во Валенсија-Шпанија, Торнтхајм-Норвешка, Волгоград и Тољати-Русија, со цел да ви покажам колку ја сакам мојата Македонија.
Моите ракометарки, тигрици на паркет, ни ги подарија овие убави спомени и вечно сум им благодарен.
Трифун Костовски