Лукаку поради повреда го пропушта почетокот на сезоната
Белгискиот репрезентативец во редовите на Наполи, Ромелу Лукаку, ќе го пропушти почетокот на новата сезона во Серија А, откако го повреди бутниот мускул на пријателскиот натпревар против Олимпијакос, објави денеска актуелниот шампион на Италија.
„По повредата за време на натпреварот со Олимпијакос (2:1), Ромелу Лукаку беше подложен на прегледи кои покажаа дека станува збор за сериозна повреда на левиот бутен мускул“, се вели во соопштението на Наполи.
Во клупското соопштение се наведува дека 32-годишниот белгиски напаѓач чека консултации во врска со евентуална хируршка интервенција.
Според италијанските медиуми, Лукаку би можел да биде надвор од терените до ноември.
Минатата сезона, Лукаку постигна 14 голови и додаде десет асистенции на 36 натпревари во Серија А за Наполи, помагајќи му на својот тим да ја освои четвртата титула во италијанското првенство.