Лукаревска до министерката Јаневска: Од каде знаете дали комуницирам со директорката на ОУ „Киро Глигоров“?

Во Собранието денеска се одржа седница за пратенички прашања од опозицијата, а пратеничката од СДСМ – Сања Лукаревска ја праша министерката за образование и наука Весна Јаневска зошто стотини ученици од скопското основно училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар не се на настава во училиштето и зошто сè уште тоа личи на градилиште отворено баш пред први септември?
Децата од четврто до деветто одделение во ова школо од 1 септември привремено следат онлајн настава, а родителите за тоа дознаа на 31 август.
„Договорот бил потпишан во февруари, а вие се будите во август? Кој ќе понесе одговорност што е прекршен Законот за основно образование? После препораката за да учат децата англиски јазик од серии, изјавивте првачињата да бараат братче и сестриче, па рековте околу 100-тина училишта се затворени, за на 20 јули да препорачате да се пренаменат во старечки домови. Сите ви се чудат министерке. Носите решенија за затворање на училишта, не можете да предвидите навремена градба во ОУ ‘Киро Глогоров’ ?. Дали сè уште стоите на вашата изјава училиштата да станат старски домови?“, праша Лукаревска.
Министерката Јаневска на тоа рече:
„Вие комуницирате со директорката, прашајте ја како ги организира смените и наставата. Јас не организирам настава“.
„Од каде знаете дали комуницирам со директорката? Од каде знаете вие?”, довикуваше Лукаревска од пратеничкото место.
Јаневска рече дека со ОУ „Киро Глигоров“ нема проблем, сè е популизам.
Рече дека за една недела одделенијата кои следеле настава од дома, ќе се вратат на физичка настава.






