Лукаревска: Не постојат фракции во партијата, Црвенковски не би одел против СДСМ

Во пресрет на локалните избори, како нова заменик-претседателка на СДСМ таа вели дека ќе се бори да има што повеќе жени кандидатки за градоначалнички и носителки на советничките листи

Новата заменик-претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, смета дека не постојат фракции во СДСМ. Како што рече таа во гостувањето во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 можеби има различни мислења кои се почитуваат, но постои само едно крило во СДСМ и единството се покажало со одлуките на Конгресот што се одржа во недела.

На прашање за владеењето во сенка на Бранко Црвенковски преку одредени фракции, таа одговори дека не верува оти би дозволил да направи нешто кое би претставувало ривалитет на партијата чиј основач е тој.

„Никогаш не би одел против СДСМ. Оној кој е еден од основачите, сметам дека нема да направи такво нешто“, рече Лукаревска.

Во првото телевизиско гостување по изборот на функцијата, таа рече дека заедно со новото раководство ќе продолжат да работат на постулатите кои ги промовирале на конгресот.

„Тие се да ги мотивираме граѓаните, да се бориме уште поефикасно против криминал и корупција, да го почитуваме туѓото мислење, но пред сè за мене најбитно како заменик претседателка на СДСМ е да бидам гласот на жените и во СДСМ и во сите сфери на општеството и ќе направам сè што треба, жените да се поддржуваат меѓу себе, а не да си бидат пречка“, истакна Лукаревска.

Од од новата функција, како што потенцираше, ќе биде гласот на жените и ќе се бори за поголема родова застапеност токму во пресрет на локалните избори.

„Моја цел е принципот на 50-50 застапеност да се преслика и на локалните избори. Да имаме што повеќе жени градоначалнички, затоа што сега се малку, само четири и ќе се борам за што повеќе жени носителки на советничките листи“ рече Лукаревска.

Back to top button
Close