Лукаревска: Работодавачите што го „изиграа“ системот ќе одговараат кривично

На фирмите кои зеле државната помош за исплата на плати на вработените, а не им ги исплатиле, ќе има кривична одговорност, изјави директорката на УЈП Сања Лукаревска во гостувањето на Телевизија 24.

Освен присилна наплата, вели парите што ги добиле за субвенции на плати, ќе треба да ги вратат назад.

„Дадовме се од себе како институција да ги спроведеме мерките максимално транспарентно и одговорно, но за жал нашиот труд падна во вода кога видовме дека има вакви случаи. Законот за даночна постапка како процес на еден вид присилна наплата овозможува најпрво да се поднесе опомена, но тоа не значи дека ние ќе застанеме тука. Дел од овие пари доаѓаат и од Светска банка и тие ја следат будно оваа ситуација. Владата ќе преземе соодветни чекори и оваа листа ќе ја испрати во Обвинителството и ќе има кривична одговорност. А покрај тоа што ние ќе направиме присилна наплата, во самата уредба стои дека тие пари ќе треба да ги вратат сите тие средства коишто ги зеле“,вели Лукаревска.

Таа рече дека ќе има казни и за фирмите кои после објавувањето во јавност веднаш ги исплатиле платите на вработените.

„Од кога објавивме можеби некои од компаниите се пронајдоја во тие бројки и веднаш ги исплатија парите на работниците.Но, казни ќе има за сите и размислуваме да направиме и посебни контроли по други основи, не само по овој основ“,вели Лукаревска.

Владата пред неколку дена објави список со фирмите кои ја злоупотребиле државната помош за ковид-кризата.

Според УЈП, станува збор за 708 компании кои за април и мај зеле околу 385 000 евра од државата за субвенции на платите, но не им ги исплатиле на нивните вработени.

Лукаревска рече дека освен тие фирми, има и други компании кои зеле пари од државата, но нецелосно им ги исплатиле на работниците. До УЈП стигнале и пријави од работници дека земале пари, но им било кажано да ги вратат назад. Тие случаи вели ќе ги испитуваат заедно со инспекторатите.

Back to top button
Close