Лукаревска во Чучер Сандево: Целосно да ги почитуваме протоколите за заштита и на 15 јули да гласаме

Целосно да ги почитуваме протоколите за заштита и на 15 јули да гласаме, важно е, за да продолжиме со уште посилно темпо напред. Обезбедуваме поголема поддршка и за земјоделците, определбата парите кај граѓаните е водечка и во следните 4 години, рече Сања Лукаревска, носител на изборна листа во ИЕ2, од коалицијата „Можеме” на средба со граѓани во Општина Чучер Сандево.
И во услови на пандемија, потенцираше, државата има капацитет да спроведе здравствено безбедни избори. -Важно е да излезете и да гласате, да го остварите своето уставно загарантирано право на глас, за да обезбедиме функционални институции кои што ќе работат за граѓаните. СДСМ и коалицијата Можеме, покажавме и имаме план за подобар економски стандард и повеќе пари кај граѓаните, нагласи Лукаревска.
Во изминатите три години, како што рече, обезбедивме поддршка во земјоделството во историски рекорден износ од над 430 милиони евра.
-Со поддршка на Владата овде во општина Чучер Сандево се опреми градинка со капацитет за 125 деца. Направивме комплетна реконструкција и обезбедивме нов инвентар за подрачното училиште во село Блаце, изградивме и спортска сала за 254 ученици. Секоја година реализираме по еден општински проект преку Програмата за рамномерен регионален развој, а се работи и на разрешување на проблемите со поројните води на Скопска Црна Гора, посочи Лукаревска.
Додека ВМРО-ДПМНЕ ширеше лажни вести и кршеше мерки за заштита, дополни таа, ние донесовме три пакети мерки за поддршка на економијата и на граѓаните.
-Минималната плата ја зголемивме на 14.500 а до крајот на мандатот ја креваме на 20.000 денари што е дури 120 проценти повеќе од оние 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Просечната плата до крајот на мандатот ја креваме на 34.000 денари. За две и пол години пензиите пораснаа за речиси 1.800 денари, а ВМРО-ДПМНЕ беше против секое нивно зголемување. Ќе има постојан раст и во следните 4 години и минимална пензија од најмалку 10.700 денари до крајот на мандатот. Тоа е економски патриотизам на дело кој продолжува уште повеќе. Во следниот период домашна платежна картичка од 9.000 денари добиваат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, лицата кои се пасивни баратели на работа, стечајните работници и самохраните родители, рече Лукаревска.
Меѓу останатото истакна дека ВМРО-ДПМНЕ биле и против проектот Мој ДДВ, посочувајќи дека за само три квартали се вратени 10.7 милиони евра кон граѓаните, поради што тој успешен проект продолжува.
-Лимитот за повратот на ДДВ го зголемуваме од 600 на 800 денари месечно, односно на 9.600 денари годишно. Продолжуваме парите да ги враќаме кај граѓаните, нагласи Лукаревска.