Лукаревска: За мене не е товар, туку предизвик да ја заменам Шекеринска

Новата заменичка претседателка на СДСМ Сања Лукаревска вечерва изјави дека за неа како личност не е товар, туку предизвик да ја замени досегашната заменичка претседателка Радмила Шекеринска.

На гостувањето на телевизија „24“, Лукаревска рече дека Шекеринска е идол за многу жени во политиката и политичка фигура која остави белег во општеството.

– Верувам и знам дека на многу млади жени кои тогаш почнуваа во политиката, таа им беше идол и веројатно размислувале и сакале да го стигнат тоа нејзино ниво. Радмила Шекеринска е една политичка фигура која остави и ќе остави белег во плурализмот и во општеството, рече Лукаревска.

За заминувањето на Шекеринска од функцијата заменик-претседател на СДСМ, Лукаревска рече дека разбрала од медиумите, додавајќи дека го почитува секој став на партиските колеги.

– Шекеринска не си оди, таа останува во СДСМ и има уште многу да понуди, а ние уште многу да учиме од нејзиното искуство, рече Лукаревска.

Не се согласува со коментарите дека во СДСМ останале само послушниците. Вели дека тоа се несоодветни коментари и комплетно погрешна перцепција која ќе се обиде да ја смени.

– Секојпат ќе се борам да има дебата, повеќе различни мислења. Верувам и знам дека секојпат во партијата се почитувало туѓото мислење и никојпат не му било земено за зло на ниеден човек кој има кажано спротивно мислење од мислењето на лидерот. Цврсто ќе се борам да докажаме и покажеме дека не постои едноумие, туку баш таа разноликост на мислења и ставови ќе напредува понатаму, нагласи Лукаревска.

Во однос на смените на досегашните потпретседатели на партијата Коста Петров и Мухамед Зеќири, Лукаревска вели дека тие не се сменети затоа што направиле нешто лошо, туку веројатно затоа што треба да им се даде шанса на нови луѓе.

– Секој со своето знаење и умеење ќе биде вклучен во соодветните структури на партијата. Буквално никој не е заборавен, ниту пак од некој ќе треба да се откажеме, порача Лукаревска.

Негираше дека во партијата има фракции.

Најави дека како заменичка претседателка на СДСМ ќе се бори за поголема застапеност на жените како носители на советничките листи и за продолжување на соодносот 50:50 мажи-жени.

Лукаревска беше избрана за наследничка на Шекеринска на последниот конгрес на партијата што се одржа минатиот викенд. Претходно, Шекеринска најави дека се повлекува од функцијата заменик-претседател на партијата.

Back to top button
Close