Лукаревска за МИА: Мерките ги дадоа очекуваните ефекти, позитивен тренд има и во наплатата на даноците

Економските мерки насочени кон зачувување на работните места и ликвидност на компаниите во корона кризата ги дадоа очекуваните ефекти. Околу 19.500 компании во април и исто толку во мај ја искористија мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари за плата за работниците, а голем интерес се очекува и во јуни, вели директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска во интервју за МИА.

Во првото интервју дадено за медиум по нејзиното враќање на работните обврски откако претходно и беше потврден позитивен тест на корона вирусот, Лукаревска говори за мерките што беа донесени како поддршка за реалниот сектор во справувањето со последиците од корона кризата, но најавува и контроли поради извесни злоупотреби особено за мерката за поддршка од 14.500 денари.

– Во моментов, во УЈП правиме анализи со кои ги следиме исплатите на оваа плата на самите работници од страна на работодавачите. Добиваме повеќе приговори, пријави и претставки дека не сите ја имаат добиено утврдената сума на средства од оваа уредба со законска сила и ќе направиме контрола заедно со Државниот инспекторат за труд бидејќи тоа е утврдено во самата уредба. Постојат и критериуми доколку некој е со скратено работни време, колку треба да му се исплати, меѓутоа има дојава за одредени злоупотреби и врз основа на нашите законски надлежности, ќе спроведеме соодветни контроли, истакнува Лукаревска.

Задоволна е од наплатата на даноците бидејќи најновите податоци покажуваат дека во периодот од 1 до 17 јуни има зголемување од 35,5 проценти во однос на истиот период лани. Мало намалување има кај данокот на добивка, што според Лукаревска, се должи на тоа што во изминатиот период еден дел од општествено-одговорните компании предвреме ги платиле месечните аконтанции за данокот на добивка.

Во интервјуто, Лукаревска открива и дека повеќе сметки се скенирале во периодот на корона кризата и оти досега 1.728 граѓани корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ кои по грешка ја избрале опцијата за донација, побарале враќање на парите.

–  Нивната можност ова да го направат завршува последниот ден од јуни, а нашата обврска како УЈП за да ги вратиме парите завршува на крајот на јули, посочува Лукаревска.

 

Директорке, бевте позитивна на Ковид -19. Сега веќе тоа е зад Вас. Се вративте на работа. Вирусот е сериозен, тоа го знаеме. Може ли да споделите какво е чувството кога ќе дознаете дека сте биле во контакт со позитивно лице, кога резултатите се позитивни и како Вие се справувавте со вирусот?

– Можам да кажам дека шокирачки е да примиш вест дека си позитивен на корона вирусот, иако навистина не очекував такво нешто. Кога отидов да се тестирам, бев толку многу релаксирана од исходот од тестот, но тоа е, што е. Немав никакви симптоми во текот на целиот период на лекувањето. Дури со дел од здравствените работници со кои разговарав ми кажаа дека сум слаб преносител на вирусот. Сите мои колеги и пријатели кои беа ставени на анкетата од моја страна, се тестираа и сите се негативни. Меѓутоа, најголемиот шок за мене првично беше тоа што се загрижив за моите родители кои се во онаа критична возраст за овој вирус и прво што ми падна на памет е како нив ќе им ја соопштам веста и како заеднички ќе се справуваме со тоа, меѓутоа со храбри одлуки, секогаш има и позитивни резултати. Немав некоја посебна терапија освен да пијам многу витамини и тоа го правам до ден денес. Континуирано мерев температура и следев дали се случува нешто со мене.

Сакам само да упатам апел до граѓаните дека навистина вирусот постои и да ги почитуваме сите протоколи и насоки што ни ги дава Министерството за здравство кое дава се од себе за да се справи со вирусот. Има многу асимптоматски случаи кои претставуваат своевиден ризик во контактите со други луѓе. Јас, ако не го направев тестот, немаше да знам дека сум позитивна. Има многу такви случаи и максимално граѓаните треба да се грижат за себеси, за сопственото здравје и за здравјето на другите. Многупати досега кажав дека оние што ги почитуваат мерките се во многу понезавидна позиција од оние кои „ноншалатно“ се однесуваат во ова време-невреме. Треба да сфатиме дека вирусот постои и дека може да направи потреси во самото фамилијарно функционирање. Пред се, јас зборувам од мое лично искуство. Добро е што се се надмина и им посакувам на сите кои се позитивни што побрзо да го пребродат сето тоа.

Сега сето тоа е зад Вас, веќе сте вратени на работните обврски во една од институциите преку која се спроведуваат повеќе од мерките за справување со корона кризата. Колку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари досега им помогна на фирмите и колку компании се очекува да се пријават за овој месец за кој е продолжена мерката?

– Во ова кризно време, УЈП беше носител на поголемиот дел економски мерки и работевме макотрпно 24 часа, за празници и за викенди, од дома и од работните простории. ИТ секторот го понесе најголемиот товар во целиот овој процес, но и Секторот за регистрација и утврдување. Секако, на помош беа и сите останати сектори. За тоа сакам да им честитам и да им се заблагодарам на сите колеги, на целиот тим.

Мерката од 14.500 денари за секој вработен, односно да им се помогне на работодавачите кои се зафатени од оваа економска криза, во април ја искористија 19.647 компании, а во мај 19.507 компании, меѓутоа имаме се уште некои специфични ситуации во одредени компании што треба да ги надминеме во делот на одредени процедури, така што очекуваме дека таа ќе биде бројката и во едниот и во другиот месец. Во мај износот е една милијарда 609 милиони, а во април една милијарда 789 милиони денари.

Ќе се направи истата оваа мерка да има важност и во јуни. Очекуваме дека и тогаш ќе има огромен интерес. Дел од компаниите не аплицирале во мај, а аплицирале во април, затоа што некаде има пораст на прометот и се враќаат во некаква нормала. Дел од компаниите, пак, што воопшто не поднеле барање во април и во мај, очекуваат да поднесат барање во јуни. Така што секоја компанија и секоја целна група на компании различно го преживува овој тежок период во економска смисла.

Сметам дека ефектот е постигнат – да се зачуваат работните места, да не остануваат луѓе без работа. Затоа има и прецизно утврдени критериуми и услови во самата уредба што треба да бидат испочитувани. Имаше и соодветен прашалник од Светска банка каде исто така беа наведени важни поенти од самото функционирање на одредена компанија, независно дали станува збор за мал, голем или среден даночен обврзник. Уредбата овозможува на секоја компанија која ќе ги исполни овие критериуми, да аплицира за оваа мерка.

Во моментов, во УЈП правиме анализи со кои ги следиме исплатите на оваа плата на самите работници од страна на работодавачите. Добиваме повеќе приговори, пријави и претставки дека не сите ја имаат добиено утврдената сума на средства од оваа уредба со законска сила и ќе направиме контрола заедно со Државниот инспекторат за труд бидејќи тоа е утврдено во самата уредба. Постојат и критериуми доколку некој е со скратено работни време, колку треба да му се исплати, меѓутоа има дојава за одредени злоупотреби и врз основа на нашите законски надлежности, ќе спроведеме соодветни контроли.

Каков е интересот за мерката субвенции за придонеси како поддршка за компаниите во корона кризата?

– Сметам дека и оваа мерка ги даде ефектите. Вкупно во мај има околу 2.450 барања, а во април 2.522 поднесени барања за вкупно 3.050 обврзници. И оваа мерка, како и претходната, е исто така на ниво на тоа што требаше да ги даде резултатите.

Само една кратка информација во делот на уредбата која се однесуваше на самостојните вршители на дејност. И за нив имавме 14.500 денари за плата. Во април се прифатени 5.707 барања за самостојни вршители на дејност, а во мај 5.814. Вкупно за двата месеца има 11.521 прифатени барања. Така што мислам дека секоја мерка на свој начин си даде соодветен резултат.

Покажуваат ли резултатите од работењето на компаниите дека влегуваме во некој период на заживување на економијата?

– Мислам дека различен тип на компании, различно го преживуваат сиот овој период. Дел од компаниите имаат одредени поголеми подобрувања како што се компаниите кои работат со фармацевски услуги и слично, а дел како транспортот, угостителството и туризмот малку западнаа во една потешка криза. Но, секоја мерка придонесе да нема некои страшни поместувања и да нема проблеми со ликвидноста.

Донесени се и уредби со кои имаме ослободување од месечните аконтации за персонален данок односно данокот на личен доход и за данокот на добивка. Кога зборуваме во овој сегмент вредно е да споменеме дека досега вкупно имаме 693 барања за ослободување од данокот за личен доход од кои за трите месеци износот на вкупното ослободување изнесува околу 8 милиони 170 илјади 339 денари. А во делот на ослободувањето на месечните аконтанции од данокот на добивка поднесени се вкупно 827 барања. Најголемиот број на сите овие поднесени барања се од мали претпријатија, односно 668 мали претпријатија ги имаат искористено овие мерки.

Тука направивме ако така може да се каже одредени бенефиции за да се заштити пред се ликвидноста на компаниите. И не се спроведува присилна наплата. Во моментов одиме едукативно со даночните обврзници со цел да го спроведеме законот за готовински плаќања односно да го задржиме трендот на издавање на фискални сметки во вакво кризно време затоа што ако го полниме Буџетот преку ДДВ, овозможуваме да функционира и здравството и сите други процеси.

Дали има некои промени во прометот во однос на март кога беше речиси замрена трговијата и угостителството?

– Има одредени промени ако ја гледаме наплатата. Според најновите податоци како оди собирањето на даноците, во периодот од 1 до 17 јуни вкупниот даночен приход е повеќе од три милијарди, со тоа што не треба да заборавиме дека  доаѓа и 25 јуни кога се поднесуваат ДДВ пријавите. Ако се направи споредба со истиот овој период претходната година имаме зголемување од 35,5 проценти што претставува одличен напредок. Тоа значи дека на одреден начин почнува да заживува стопанството. Имаме зголемување на бруто приходот на ДДВ од 16,75 проценти, од данокот на личен доход околу 8,32 проценти. Единствено имаме мало намалување кај данокот на добивка затоа што претходниот период имаше многу повеќе општествено одговорни компании кои предвреме ги платија месечните аконтации за данокот на добивка и сметам дека тоа се рефлектирашпе во овој период. Ако се држиме со оваа динамика би требало да излеземе поуспешни од оваа криза, со неголеми буџетски потреси.

Тоа значи дека во добра насока се движи собирањето на приходите?

– Да, иако повторно да напоменам дека не се спроведува присилна наплата.

Проектот „Мој ДДВ“ е мерка која се спроведува преку УЈП. Резултатите досега се позитивни. Дали помалку се скенираа сметки во ова тримесечје откога почна корона кризата и што се случи со можноста да се донираат средствата, а потоа дел од граѓаните кои ги донираа средствата, сакаа да им се вратат?

– Имаше огромен број на нејаснотии, ненамерни грешки направени од страна на корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ кои наместо да ја изберат опцијата „не сакам да донирам“ по грешка имаат притиснато дека сакаат да донираат. Кај нас пристигнаа огромен број известувања и алармирања. Апелиравме и се направија одредени измени во уредбата да се даде можност да се отповика донацијата со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните бидејќи „Мој ДДВ“ е  одлична мерка на УЈП за која, иако на почетокот некои имаат одреден скептицизам, сега се покажува дека ги дава соодветните резултати. Инаку, има повеќе скенирани сметки во овој период, дури можеби 80 илјади граѓани повеќе скенирале.

Досега вкупно 1.728 корисници ја имаат отповикано донацијата. Нивната можност ова да го направат завршува последниот ден од јуни, а нашата обврска како УЈП за да ги вратиме парите завршува на крајот на јули. Сега на 1 јули ја почнуваме и втората година откога ја креиравме мерката „Мој ДДВ“ така што на годишнината ќе ги видиме резултатите, иако сметам дека направивме многу проблем кај сите обврзници кои избегнуваа да даваат фискални сметки.

Сега ќе има и одредени измени во делот на зголемениот поврат од 20 проценти за купени домашни  производи така што акцент даваме на нашите домашни компании. Да ги почитуваме нашите домашни производи, а врз основа на тоа, да се зголемат и приходите во буџетот.

Имаше ли интерес од корисниците на Мој ДДВ да ги донираат средствата?

– Имаше. Општествената одговорност секој од нас ја покажува на соодветен начин. Оној кој сметал дека треба да ги донира средствата, макар и да биле минимални, придонел да му помогне на здравствениот систем, на хероите на денешното време – здравствените работници. Можеби имаше одреден револт кај граѓаните, но затоа беше поставена опција, а не беше задолжително донирањето. Не беше ништо ниту злонамерно, ниту тенденциозно затоа што како даночници се грижиме да го зачуваме оној убав впечаток што го имаат граѓаните за „Мој ДДВ“.

Колку сметате дека зголемениот поврат од 20 проценти за домашни производи ќе поттикне поголемо купување на домашни производи?

– Мислам дека е вредно да се проба и да се види ефектот. Секако, ако гледаме дека нема ефект, нема зошто и понатаму да му даваме живот. Сметам дека ќе им помогнеме да компаниите кои произведуваат домашни производи и врз основа на тоа ќе инвестираме во нашата економија и ќе се грижиме за домашното производство.

 

Back to top button
Close