Лукашенко: Не знаев дека Протасевич е во авионот
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, денеска изјави дека не знаел оти Роман Протасевич бил во авионот, на кој му било наредено да слета во Минск, но додаде дека би издал наредба за слетување ако го знаел тоа.
Белоруските власти во ноември го ставија Протасевич на потерница, по минатогодишните масовни протести против контроверзната изборна победа на Лукашенко.
Повеќе светски медиуми тврдат дека белорускиот претседател наредил принудно слетување на авионот на Рајанер во кој се наоѓал Протасевич, по што тој беше уапсен. Некои медиуми наведуваат и дека лично Лукашенко наредил еден авион од белоруската авијација да го придружува авионот на Рајанер до аеродромот во Минск.
Според засега официјалните извештаи, авионот на Рајанер, кој летал од Атина кон Вилнус, принудно слетал во Минск, откако белоруските власти добиле закана од Хамас за поставена бомба во леталото. Хамас демантираше поврзаност со инцидентот. После проверката на авионот, беше утврдено дека заканата била лажна.