Лукашенко: Нема да се кандидирам за нов мандат
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, во интервју за магазинот Time изјави дека не планира да се кандидира за нов претседателски мандат. Лукашенко, близок сојузник на рускиот лидер Владимир Путин, ја води државата повеќе од три децении и во јануари годинава беше реизбран за седми петгодишен мандат.
„Не планирам повторно да се кандидирам“, изјави 70-годишниот Лукашенко, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп „изгледа пристојно“ и покрај тоа што има речиси 80 години.
Тој смета дека неговиот наследник не треба да прави „радикални пресврти“, туку да продолжи да ја развива земјата за да се избегне „револуционерен колапс“. Притоа, категорично ги отфрли шпекулациите дека својот син Николај го подготвува за наследник: „Не, тој не е наследник. Знаев дека ќе ме прашате. Не, не, не. Прашајте го него лично“.
Лукашенко во 2020 година силно ги задуши масовните улични протести по претседателските избори, за кои опозицијата и западните влади тврдеа дека биле фалсификувани. Многу негови политички противници се во затвор или емиграција.
Од средината на 2024 година, неколку стотици лица осудени за „екстремизам“ и други политички мотивирани дела беа ослободени – потег кој аналитичарите го гледаат како обид на Лукашенко да ја намали изолацијата од Западот. Но, според групите за човекови права, речиси 1.200 лица сè уште се зад решетки. Лукашенко, пак, негира дека во Белорусија има политички затвореници.