Лукашенко со закана: Ова не е војна, тоа е конфликт. За ден-два ќе има војна, а за три дена масакр

Во Украина нема ниту еден белоруски војник, ниту еден куршум, изјави претседателот на Белорусија Александар Лукашенко по гласањето на референдумот за промена на уставот што денеска се одржува во таа земја.

-Таму нема наши војници. Зборував со Макрон за тоа вчера. Му реков дека таму нема војници… нема белоруски куршуми, рече Лукашенко, објаснувајќи дека „тоа не ѝ треба на Русија“.

Меѓутоа, Лукашенко потврди дека од територијата на Белорусија биле лансирани ракети кон позициите во Украина, но дека тоа, како што вели, бил принуден чекор.

Според белорускиот лидер, на украинската страна, на неколку километри од границата со Белорусија, биле распоредени ракетни баталјони, подготвени за неколку минути да извршат напад врз руските позиции.

Лукашенко, исто така, вели дека конфликтот во Украина може да се влоши, така што војната, рече тој, мора да престане.

-Конфликтот што избувна во Украина не е ништо. Верувајте ми, знам за што зборувам! Ако продолжи вака, ќе биде многу полошо. А Зеленски нема да се скрие во ниту еден бункер, ниту во САД, ниту во кој било друг. Затоа денеска мора да се прекине војната, додаде Лукашенко, кој потоа се поправи и рече дека за него во Украина сѐ уште нема воопшто војна, туку само конфликт.

-Сега не би го нарекол ни војна, тоа е конфликт. За ден-два ќе има војна, а за три дена масакр, додаде тој.

На крајот тој се пофали дека Белорусија отсекогаш се однесувала „хумано“ со Украинците и дека таа „секогаш им помагала“.

Потоа повторно се осврна на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

-Што добивме? И денес излегува таму, не знам, мамурен, во таа маица и почнува да му се обраќа на белорускиот народ. Има кој да му се обрати на белорускиот народ, подобро да му се обратат на украинскиот народ и да одговараат за ова што се случува денеска во Украина, рече Лукашенко кој рече дека сѐ уште никој не го бомбардирал Киев.

-Зеленски не треба да лаже, никој не го бомбардираше Киев, рече тој.

Тој ја повика Украина да биде како Белорусија и да не тврди дека поседува нуклеарно оружје, како и да се согласи со барањата на Русија.

Back to top button
Close