„Лукоил“ има лиценца за уште три недели, што значи тоа за бизнисот и 550-те вработени во Македонија?
За дваесетина дена ќе биде позната судбината на зделката која ја најави руската компанија „Лукоил“ со меѓународниот трговец со стоки „Гунвор“ за продажба на странските средства со цел да ги избегне санкциите од САД воведени на 22 минатиот месец. Исходот оваа зделка која треба да добие зелено светло од Одделот за контрола на странки имот (ОФАЦ) при американското Министерство за финансии, ќе се однесува и на имотот на „Лукоил“ во Македонија и на над 500 вработени колку што оваа компанија има во нашата земја.

Во меѓувреме, бензинските пумпи на „Лукоил“ во земјава работат вообичаено, иако, кај вработените се чувствува неизвесноста за судбината на нивните работни места.
„Независен“ упати неколку прашања до надлежното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, во врска со продажбата на „Лукоил Македонија“ како дел од компанијата мајка „Лукоиол“, односно каква е процедурата (дали за тоа е потребно одобрување или лиценца за евентуалниот нов сопственик), како ќе се изрази на пазарот, односно дали може да дојде до нарушување на конкуренцијата, или уште полошо до редовно снабдување, и воопшто какви се ингеренциите на Министерството за енергетика во вакви ситуации?
Од МЕРМС појаснуваат дека „Лукоил Интернешнл ГМБХ“ е основач и содружник заедно со „Литаско Са“ на „Лукоил Македонија“, како и дека македонската компанија учествува со 15 отсто во нафтениот пазар во земјава, поседува 40 бензински станици и има 550 вработени.
„’Лукоил Македонија’ се снабдува со нафтени деривати од рафинеријата во Бугарија“, велат од МЕРМС.
Инаку, вчера бугарската влада донесе одлука со која го забранува извозот на дизел и керозин со цел да спречи недостиг на овие деривати во земјата, по воведувањето санкции кон „Лукоил“ и обврската до 21 овој месец да бидат продадени странските средства, што ја опфаќа и најголемата рафинерија на Балканот во бугарското пристаниште Бургас, а која е дел од „Лукоил“.
Од МЕРМС потсетуваат дека завчера рускиот енергетски гигант „Лукоил“ соопшти дека постигнал договор со швајцарската компанија „Гунвор“ за продажба на сите имоти во странство на компанијата.
Објектите што се продаваат ја вклучуваат и најголемата рафинерија за нафта на Балканот – „Лукоил Нефтохим“ – Бургас во Бугарија, како и рафинеријата „Петротел-Лукоил“ во Романија.
„Лукоил“, исто така, има малопродажни мрежи за гориво во Романија, Бугарија, Турција, Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора, додаваат од МЕРМС посочувајќи дека според соопштението од „Лукоил“, клучните услови на трансакцијата веќе се договорени.
„МЕРМС со будност ја следи новонастаната ситуација и ќе преземе соодветни мерки за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати за своите граѓани, во кординација со европските партнери“, велат во одговорот до „Независен“ од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Лукоил“ во Македонија е присутен веќе две децении и годинава го одбележува 20-годишниот јубилеј. На 20 февруари, компанијата ја отвори 40-та бензинска станица во земјава, во Гостивар. Во изминатите пет години мрежата на бензински станици беше проширена за осум објекти.
Извор: nezavisen.mk






