М-НАВ: Се отстранува дефектот на радарската глава Алениа – Бањски Рид, нема влијание врз безбедноста на авио – сообраќајот
М-НАВ информираат за МИА дека се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром Скопје и дека во моментов тоа нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авио – сообраќајот.
-Стапено е директно во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика од производителот и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот. М-НАВ воедно, вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба, вели за МИА директорот на М-НАВ и претседател на Управниот одбор Владимир Ристески.
Тој појаснува дека М-НАВ располага со три радарски глави. Една покрај Охридскиот аеродром и две на Скопскиот аеродром. Едната на Скопскиот аеродром е во моментов со технички дефект којшто е детектиран и се работи на негово отстранување.
-Ваквите технички дефекти од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат во сила се до отстранување на дефектот на радарската глава, вели Ристески.
Претходно, дел од медиумите јавија дека еден од радарите на Скопскиот аеродром не е во функција.